Во современите демократски системи, политичкиот плурализам има значајна улога и во воспоставувањето на систем на меѓусебна контрола и рамнотежа (анг: check and balances) меѓу политичките субјекти. За разлика од некои европски држави, Република Северна Македонија има скромна историја со политичкиот плурализам. Со напуштањето на југословенскиот еднопартиски политички систем и со прогласувањето на Уставот, политичкиот плурализам беше утврден како „темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија“.
Сепак, искуството од секој изборен циклус покажува дека во нашето општество, политичкиот плурализам сè уште се сфаќа повеќе како средина во која постојат повеќе политички партии, а помалку како систем кој треба да овозможи фер и еднаква можност за учество, без неоправдани правни или административни бариери за сите учесници. Традиционално, кај нас политичкиот простор во најголема мера е доминиран од најголемите политички партии, додека помалите партии, независните и граѓански инцијативи неретко се соочуваат со бројни законски, институционални и практични пречки, кои иако често адресирани, законодавецот упорно одбива да ги санира.
Најголемите проблеми и за учесниците, и за институциите, произлегуваат токму од Изборниот законик. Поради неговото фундаментално значење за изборните процеси и демократијата, нужно е изборното законодавство да биде стабилно, предвидливо и резултат на поширок политички и општествен консензус. Ова е веќе многу пати спомнувано до сега, дека честите измени на Изборниот законик (преку 30 пати од 2006г. до денес) создаваат правна несигурност и бројни правни празнини што отвораат сериозни предизвици и за институциите што ги спроведуваат изборите, но и за помалку привилегираните учесници во изборните процеси. Дополнително, кај гласачите создаваат перцепција дека изборните правила повеќе се менуваат како рефлексија на актуелните политички интереси на поголемите партии, а помалку како измени за унапредување на демократијата и плурализмот.
Од 2006 година, кога Изборниот законик стапува на сила, Уставниот суд во пет наврати укинал одредби што ги оценил како неуставни, при што во повеќе случаи укажувал на дискриминација и директно слабеење на политичкиот плурализам. Неодамна, две помали политички партии поднесоа иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на одредбите од Изборниот законик што ја уредуваат распределбата на медиумскиот простор и јавните средства за политичко рекламирање, за што судот дополнително ќе одлучува на некоја од наредните седници.
- За независен кандидат или листа – потребни повеќе потписи отколку за формирање политичка партија
Иако со предлогот номинално се намалува прагот за потребни потписи за независни кандидатури – од 1% на 0,8% од запишаните избирачи во изборната единица за парламентарните, односно во општината за локалните избори каде што се поднесува кандидатурата, границата сè уште бара значително поголем број на потписи од предвиденото пред измените пред изборите во 2024г.
За илустрација, за основање или пререгистрација на политичка партија се потребни само 1.000 потписи од избирачи од целата држава. Откако ќе биде регистрирана, партијата може без дополнителни потписи да учествува на избори и да предлага кандидати за пратеници, градоначалници и советници во сите општини.
Па така, дури и со намалувањето на прагот од 1% на 0,8%, граѓаните кои сакаат да настапат како независни кандидати мора да соберат значително голем број на потписи. На пример, за поднесување независна пратеничка листа во Изборната единица 1 потребни се 2.505 потписи (0,8% од 313,183 избирачи), додека за независна листа за Советот на Град Скопје се потребни 3.731 потпис (0,8% од 466,456 избирачи). Тоа значи дека за една независна кандидатура се бараат неколкукратно повеќе потписи отколку за основање политичка партија, што создава нерамноправни услови меѓу партиските и независните кандидати.
Во пракса, тоа може да ги поттикне или во најлош случај и принуди независните движења да се организираат во форма на политички партии само за да ги надминат изборните пречки. Со други зборови, ваквиот систем може да создаде притисок граѓанските иницијативи да се „партизираат“ само за да можат да преживеат на политичката сцена.
Ова е проблематично бидејќи во политичкиот плурализам политичките партии треба да бидат само една од можните форми за политичко организирање, но не и единствен практичен пат до политичко учество. Преголемите бариери за независни кандидати го ограничуваат пристапот на граѓаните до изборниот процес, ја намалуваат разновидноста и можат да придонесат кон слабеење на политичкиот плурализам.
- Значително покачување на „плафонот“ за донации за изборна кампања
Новото законско решение безмалку двојно ги зголемува максималните кумулативни износи на дозволени донации за финансирање на изборната кампања – од 3.000 на 6.000 евра за физички лица и од 30.000 на 50.000 евра за правни лица.
Истовремено, се отстранува одредбата од ИЗ со која донациите за кои не може да се утврди потекло, учесникот во изборната кампања е должен во рок од пет дена да ја префрли во Буџетот на државата – одредба која претставуваше важна заштитна мерка против нетранспарентно финансирање на изборите.
Имајќи предвид дека секој изборен циклус претставува значаен финансиски товар за граѓаните, како преку јавните средства за неговото спроведување, така и преку приватното финансирање на кампањите, дополнителното покачување на „плафонот“ за донации создава ризик од уште поголема финансиска трка меѓу политичките субјекти. Ова може да го зголеми влијанието на крупните донатори, но и дополнително да ја продлабочи разликата меѓу политичките партии со поголеми финансиски ресурси и помалите партии или независните кандидати. На тој начин, политичката конкуренција сè повеќе може да зависи од способноста за обезбедување средства, наместо од квалитетот на понудените политики и поддршката од граѓаните.
- Навидум нов модел на рекламирање со нерешена внатрешна противречност
Со предложените измени останува да важи постојниот модел на распределба на јавните средства и рекламниот простор за платено политичко рекламирање во телевизиите, електронските и печатените медиуми (45%/45%/7%/3%). Единствената промена е што се воспоставува еднаков пристап до рекламните паноа и билборди за сите учесници во изборниот процес. Иако ова на прв поглед претставува чекор кон порамноправен пристап, суштински не се менува нерамнотежата меѓу политичките субјекти. И понатаму остануваат постоечките формули за распределба на средства и рекламен простор кој ги исклучуваат помалите партии со пратенички групи во Собранието (во случајов ЗНАМ и Левица) и ги маргинализираат вонпарламентарните партии и независните кандидати. Проблемот што го носи овој пристап беше нотиран од Меѓународната мисија на ОБСЕ/ОДИХР во нивните прелиминарни наоди и заклучоци.
Токму ова прашање беше предмет на неодамнешната иницијативата пред Уставниот суд, кој одлучувањето го одложи за некоја од наредните седници. Имајќи предвид дека повторно се брзаат измените на изборното законодавство, постои ризик законот да биде усвоен во оваа форма, а Уставниот суд дополнително да утврди неуставност на оспорените одредби. Ваквиот развој на настаните дополнително би го нарушил кредибилитетот на законодавецот, бидејќи ќе потврди дека изборните правила се менуваат без доволна анализа и проверка на нивната усогласеност со уставните принципи на државата.
- Отворени листи – испуштена можност за поголем избор на гласачите
Измените на Изборниот законик за жал не предвидуваат воведување на отворени листи. Тие се неизбежна иднина бидејќи како модели полека стануваат стандард во европските земји. Нивната предност е зголемениот избор на гласачите, а кај нас ќе овозможат и можност гласачите да го „коригираат“ преференцијалниот редослед на кандидатите кој го одредува партиското лидерство. Како и секоја новина, оваа реформа може да се воведе и фазно, каде првично само дел од мандатите ќе се одредат низ отворени листи, за после неколку циклуси станат единствен изборен модел на гласање.
Заклучок:
Иако е за пофалба тоа што за првпат по неколку изборни циклуси измените се иницираат доволно долго пред нови потенцијални избори, што е во насока на препораките на Венецијанската комисија, сепак останува прашањето за квалитетот и инклузивноста на самиот процес. Форсирањето на измените првенствено како преземан обврска со Реформската агенда, а помалку како сеопфатен обид за воспоставување консензуално, стабилно и квалитетно изборно законодавство што гарантира еднаквост за сите учесници, создава ризик дел од суштинските проблеми во изборниот систем повторно да останат мета на критики од Уставниот суд и Меѓународната набљудувачка мисија предводена на ОБСЕ/ОДИХР.
Оваа анализа е дел од проектот „Поттикнување дебата за отчетност и антикорупција“ чија главна цел е да придонесе кон процесот на реформи во Северна Македонија преку зајакнување на улогата на Собранието во борбата против корупцијата и неговото лидерство во спроведувањето и следењето на реформите за владеење на правото. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија.













