fbpx
logo

Мрежи

Платформа на граѓански организации за борба против корупција

На 9 декември 2014 година  во Скопје, 15 граѓански организации ја основаа Платформата за антикорупција. Таа цели кон проактивно, динамично и оспособено граѓанско општество кое ги почитува, промовира и застапува принципите на доброто владеење и кое ќе игра значајна улога во борбата против корупцијата.

Платформата, преку заеднички реакции, ќе тежнее да биде коректив на состојбите, а ќе соработува и комуницира со сите засегнати страни вклучувајќи ги државните институции, политичките партии, бизнис заедницата и меѓународната заедница. Ќе ги следи и анализира правната рамка и актуелните јавни политики и активности за сузбивање на корупцијата, ќе иницира јавна дебата за квалитетот на законите и ќе иницира законски измени каде што е потребно.

Платформата ги поврзува граѓанските организации и е отворено место за соработка, вмрежување и демократска дебата со цел зајакнување на улогата на граѓанските организации во борбата против корупцијата во Република Македонија.

 

Ефективноста,  транспарентноста и интегритетот на релевантните институции ќе бидат следени постојано. Особено внимание ќе се обрне на соработката со Државната комисија за спречување на корупцијата и на нејзината работа. Ќе се следи и анализира ефективноста на правосудството како и работата на другите институции (МВР, ДЗР, БЈН, УЈП) во процесирање на случаи поврзани со корупција. Ќе се следи и анализира и транспарентноста и отчетноста на јавните институции со повисок ризик за корупција (судство, полиција, здравство, ЕЛС, инспекции и сл..). Платформата ќе поттикнува и поддржува иницијативи за поголема транспарентност во донесувањето и спроведувањето на Буџетот на РМ и буџетите на единиците на локална самоуправа, а ќе го следи и  финансирањето на политичките партии и користењето  јавните ресурси за партиски интереси. Исто така ќе биде покрената и иницијатива за полесен пристап до (статистички) податоци.

 

Платформата ќе работи и на зголемување на свеста на граѓаните за борба против корупцијата. Ќе бидат иницирани иновативни решенија кои ќе водат кон повисок интегритет на институциите и на граѓаните, ќе бидат поттикнати граѓаните за укажување на случаи на корупција и ќе се поттикне  јавна расправа за ефектот на политичките и на социо-културните фактори кои влијаат на корупцијата.