Македонските граѓани, во помалку од година и половина, трипати излегоа на своите избирачки места. За нив, ова претставуваше демократска привилегија, додека за институциите и независните учесници во изборите значеше нови предизвици и правни битки. За меѓународните набљудувачи, пак, овие избори беа нов повод за забелешки и јасен сигнал за потребата од подобрување на изборното законодавство.
Во последните две децении, Изборниот законик е менуван повеќе од триесет пати. Иако меѓународните препораки за изборни реформи упатуваат тие да се иницираат веднаш по завршувањето на изборите, и да се финализираат најмалку една година пред следниот изборен циклус, македонската пракса покажува дека измените најчесто се прават реактивно и непосредно пред изборите.
Ваквиот начин на интервенирање во изборното законодавство е проблематично затоа што остава простор за бројни правни празнини, кои подоцна претставуваат предизвик за работењето на изборните институции, но и за учеството на независните кандидати во изборните процеси. Избрзано и неинклузивно носење на законски измени ја ограничува можноста на институциите навремено да се прилагодат и укажат на евентуални недостатоци или недоследности, што создава ризик од грешки при спроведувањето на изборите. Како резултат на тоа, се поткопуваат јавната доверба и легитимитетот на изборниот процес, а измените се доживуваат како непромислени и диктирани од моменталните политички интереси.
Затоа, навремено ги доставуваме нашите коментари и препораки, кои треба да се земат предвид при подготовката на новото законско решение, со цел да се обезбедат изборни правила што ја одразуваат транспарентноста и интегритетот, ги олеснуваат процесите за институциите и обезбедуваат еднакви услови за сите учесници во натпреварот за освојување на власта.
Прочитајте повеќе во документот:
Кон подобри изборни циклуси: Предлози за квалитетно унапредување на изборното законодавство



