logo

ИДСЦС Центри

Центар за добро управување

Цели

Центарот за добро управување има за цел да промовира и работи на иницијативи за поттикнување и етаблирање на принципипте на добро управување во функционирањето политичкиот систем и во општествениот живот.
Институтот за демократија ги следи принципите на добро управување поставени од Организацијата на Обединети Нации :
  • Партиципативност
  • Владеење на право
  • Транспарентност
  • Респонзивност
  • Ориентираност кон консензуалност
  • Правичност и инклузивност
  • Ефективност и ефикасност
  • Отчетност
Центарот за добро управување своите цели ги остварува преку истражувачки дејности – собирање податоци, мониторирања, анализи – и застапувачки дејности – предлози за јавни политики, промотивни активности и делување кон политичките, државните, јавните институции и општата јавност. Центарот за добро управување исто така се осигурува дека ИДСЦС во своето ги применува овие принципи и делува во насока на “practice what you preach”.

Главни области на работа и фокус

Главни тематските области на Центарот за добро управување вклучуваат: процесот на креирање на јавни политики, функционирањето на законодавната и извршната власат, антикорупциски политики, политики за транспарентност и за отворени податоци, неформални политички и општествени односи, избори и изборна политика, мултикултурни политики, децентрализација и политичка култура.

Центар за европски интеграции

Цели

Центарот за европски интеграции (ЦЕИ) има за цел да промовира и работи на иницијативи и проекти за поддршка, набљудување, истражување и оценување на процесот на приклучување на Република Македонија во Европската Унија. Во исполнувањето на оваа цел, Центарот се залага за активно вклучување на сите општествено-политички чинители и засегнатите страни во процесот. Исто така, Центарот делува во насока на унапредување на регионалната соработка помеѓу државните и недржавните актери од Западен Балкан. На европско ниво, работата на ЦЕИ е насочена кон подигнување на соработката со реномирани аналитички центри и универзитети од државите-членки на Европска Унија на актуелни и релевантни теми поврзани со функционирањето и идниот развој на европските институции.

Главни области на работа и фокус

Области во кои работи и се надградува ЦЕИ се 1) Берлински процес; 2) набљудување на реформската агенда на Владата; 3) следење на јавното мислење за процесот на зачленување на државата во ЕУ; и 4) политика на проширување и условеност на Европската Унија.
Со почеток во 2016 година, ЦЕИ заедно со партнерски организации од регионот на Западен Балкан систематски ги набљудува и анализира областите и политиките поврзани со Берлинскиот процес. Во март 2018 година, ИДСЦС заедно со осум партнери и истражувачи од Западен Балкан ја основа Мрежата на Југоисточна Европа (Southeast European Think Net Network) – прва регионална мрежа за следење на развојот на Берлинскиот процес.
Почнувајќи од 2017 година, ЦЕИ при ИДСЦС ја следи реформската агенда на Владата на Република Македонија преку постојано набљудување на клучните реформски планови и програмки на Владата, како и пакетот на реформи кој државата треба да го испорача во процесот на приклучување кон ЕУ.
ИДСЦС го следи јавното мислење за процесот на зачленување на Македонија во ЕУ почнувајќи од 2004. Ова следење на јавното мислење е систематизирано и методолошки усогласено во 2014. Од 2016 година, во анализата на јавното мислење за процесот на приклучување на Македонија во ЕУ се вклучуваат и тековните општествено-политички прашања за секоја односна година.
ЦЕИ при ИДСЦС е специјализиран во политиката на проширување и условеност на Европската Унија. Оттука, Центарот учествува во проекти и активности, но работи и на изработка на академски трудови и документи за јавни политики кои подеталено ја анализираат оваа политика на Унијата и нејзината практична примена.

Центар за парламентарна поддршка и демократизација

Цели

Центарот за парламентарна поддршка и демократизација (ЦППД) има за цел да промовира и работи на иницијативи, проекти и програми за поддршка, набљудување и оценување на работата на Собранието и други демократски институции во Република Северна Македонија, преку истражување и застапување во полето на демократија и демократизација, за поодговорни, респонзивни и репрезентативни институции.
Во исполнувањето на оваа цел, Центарот се залага за активно вклучување на сите општествено-политички чинители и засегнати страни во процесот. Исто така, ЦППД делува во насока на унапредување на соработката помеѓу државни и недржавни актери во Северна Македонија, како и вклучување на најважните меѓународни чинители чиј интерес се процесите за демократизација на државата.

Главни области на работа и фокус

Области во кои работи и се надградува ЦППД се 1) Поддршка, набљудување, и оценување на работата на Собранието; 2) Јавна и отворена дискусија за избори и изборни политики; 3) Унапредување на соработката со граѓанските организации во земјата, регионот и надвор на тема парламентарна демократија; 4) Зајакнување на капацитетите на Собраните за негово вклучување во процесите на европските интеграции на државата; 5) Истражување, адресирање и застапување во областа на добро управување и демократизација, вклучувајќи мултиетнички политики и пракси, како и популизам и авторитарни тенденции.
Центарот за парламентарна поддршка и демократизација официјално беше основан во јануари 2019 година, следејќи ја долгата традиција на Институтот за демократија фокусирана на Собранието на РСМ и процесот на демократизација на Северна Македонија. Центарот континуирано ја унапредува и развива својата работа во насока на поддршка на развивање и консолидирање на демократијата и демократските институции во државата.
Освен активното учество во проекти и активности, ЦППД работи и на изработка на студии, истражувања и документи за јавни политики кои подетално го анализираат политичкиот систем на РСМ.