fbpx
logo

Коментар на Законот за јавни претпријатија и трговски друштва во сопственост на Северна Македонија

Реформската агенда за Република Северна Македонија предвидува пакет-реформи за управување со јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост, вклучувајќи подготовка на нов закон, стратегија и регистар. Според предвидената секвенца, овие мерки треба да му претходат на реструктуирањето на секторите пошта и железници . Прашањата што, согласно со Реформската агенда, треба да ги опфатат законот и стратегијата вклучуваат избор на управни и надзорни одбори, објавување финансиски извештаи, управување со ризици и утврдување клучни показатели за успешност.

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), од страна на Министерството за економија и труд (МЕТ), беше поканет да учествува во работната група за изработка на закон и на стратегија за јавни претпријатија и трговски друштва во сопственост или со учество на Република Северна Македонија, во октомври 2025 година. 

Во јануари 2026 година на ЕНЕР беше објавен предлог-закон, а во рамките на работната група по неколку верзии на предлог-законот, на 23 јуни 2026 година беше доставен изменет текст, кој според МЕТ, е текст усогласен со Европската Унија. Оваа верзија на законот не беше суштински дискутирана во рамките на работната група. 

Законот е донесен по скратена постапка во Собранието, на 30 јуни 2026 година, без соодветна јавна расправа. Презентираните ставови во овој документ во голема мера беа искажани и застапувани од наша страна и во рамките на работната група. 

  • Се очекува нов можен бран на отуѓување државен капитал

Законот воведува активно преиспитување на основаноста на секое поединечно  сопствеништво на државата. Реструктуирањето на пошта и железници предвидено во Реформска агенда е врзано за овој закон, што значи може да се очекува отуѓување на државен капитал во значителен обем.
Се креира нова правна основа за отуѓување на дел од државниот капитал. 

  • Проблемот не е сопственоста, туку раководењето

Загуба не значи автоматски дека субјектот треба да се отуѓи. Некои јавни претпријатија и трговски друштва во државна сопственост намерно работат на границата на рентабилност за да овозможат пристап за сите до јавните услуги, а кај другите проблемот е партиско раководство, не сопственоста. Потребна е професионализација на изборот на кадри, а не приватизација, за да има квалитетен менаџмент. 

  • Одлуката за отуѓување е централизирана кај Владата

Консултации постојат само за општата политика за сопственички права, не и за конкретна одлука за отуѓување. Собранието е целосно исклучено. Консултации има само за општата политика, не и за конкретна одлука за продажба, а токму таа одлука се носи без консултации и без Собранието. 

  • Нема надзорна улога за ДЗР,  ДКСК или Собранието

Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување корупција не се дел од процесот преку давање претходно мислење, спроведување задолжителна ревизија, или проверка на интегритет при високоризични трансакции.
Институциите за спречување злоупотреба при отуѓување државен капитал се исклучени од овој процес. 

  • Постапката на отуѓување не е уредена со закон

Законот бара „јавна, недискриминаторска и конкурентна постапка“, но не  уредува процедури, рокови, начини на отуѓување.
Помала законска уреденост значи поголема дискреција за Владата. 

  • Проценката на вредност ја врши истиот орган што одлучува

Проценка прави „надлежното министерство или овластен државен орган“ т.е. истото тело што ја предлага одлуката. Нема овластен проценител, нема независна верификација на вредноста. Проценетата вредност беше еден од најголемите корупциски ризици во претходни приватизации и постои можност да се јави повторно. 

  • Изборот на раководство заостанува зад постоечки стандард

За разлика од Законот за високи раководители, тука нема пропишан оглас, фази на селекција, ниту правна заштита при изборот.
Изборот на раководство во јавни претпријатија и трговски друштва во државна сопственост е позната алатка за политичко влијание, а е уреден со послаби гаранции од другите високи позиции во државата.

Прочитајте повеќе во документот:
Коментар на Законот за јавни претпријатија и трговски друштва во сопственост на Северна Македонија

 

 


 

Оваа анализа е дел од проектот „Поттикнување дебата за отчетност и антикорупција“ чија главна цел е да придонесе кон процесот на реформи во Северна Македонија преку зајакнување на улогата на Собранието во борбата против корупцијата и неговото лидерство во спроведувањето и следењето на реформите за владеење на правото. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија.

Настани поврзани со проектот

Поврзани објави