Трагедијата во ноќниот клуб „Пулс” во Кочани не беше несреќен случај, ниту, пак, последица од еден институционален пропуст. Таа претставуваше кулминација на децениски системски пропусти: нерегулирани правни празнини, недоследно спроведување на законите и длабоко вкоренетата култура на неодговорност и неказнивост. Токму ова беше заклучокот на институциите и граѓаните на тркалезната маса „Што мора да направиме за ваква трагедија да не се повтори?” што ИДСЦС ја организира по повод една година од трагедијата во Кочани.
Неодамнешните измени на Законот за угостителска дејност по својата содржина изгледаат повеќе како пакет за техничко-административна дигитализација на постапките, а помалку како реформа за подобрување на регулацијата која ја засега безбедноста на граѓаните. Денес, доколку некој пројави интерес да отвори кабаре, ноќен клуб или дискотека, лиценцата за работа може да ја стекне по истата процедура и на истиот начин како и пред трагедијата во Кочани.
Измените не адресираат ниту еден од пропустите што придонесоа до трагедијата: препораките на ДКСК се целосно игнорирани, самоевалуацијата за исполнетост на техничките услови останува неконтролирана, надзорниот јаз при проверка на реалната употреба на угостителските објекти продолжува, цената на неусогласеноста со стандардите е и понатаму прениска, а новиот регистар на лиценци нема утврдена минимална содржина со закон.
Прочитајте повеќе во документот:
Побрзи постапки не значат и побезбедни угостителски објекти: Измените на Законот за угостителство воведуваат дигитализација, но не и суштинска реформа
Овој документ за јавни политики е дел од проектот „Поттикнување дебата за отчетност и антикорупција“ чија главна цел е да придонесе кон процесот на реформи во Северна Македонија преку зајакнување на улогата на Собранието во борбата против корупцијата и неговото лидерство во спроведувањето и следењето на реформите за владеење на правото. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија.












