Претставници на граѓанското општество од земјите на Западен Балкан и Источното партнерство се собраа во Охрид на вториот Форум на граѓанското општество во рамките на проектот „RESILIO-ACCESS: Опсерваторија за отпорност на владеењето на правото во земјите кандидати за членство во ЕУ“, организиран од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје.
По првиот Форум на граѓанското општество одржан во ноември 2025 година во Берлин, каде беше поставена почетната теоретска рамка на моделот RESILIO-ACCESS, второто издание во Охрид беше посветено на валидација на иницијалните податоци и клучните наоди преку искуството и експертизата на учесниците.
Учесниците беа претставници на граѓанското општество од земјите на Западен Балкан (ЗБ) – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, како и од земјите на Источното партнерство (ИП) – Молдавија, Грузија и Украина.
Во текот на работните денови, истражувачите ги презентираа примарните и второстепените ресурси на отпорност за секоја поединечна земја, споредувајќи ги со европскиот стандард преку резултатите добиени со анализата на податоците. Во работни групи, учесниците имаа можност да ги дискутираат податоците во рамките на нивниот национален контекст.
Фокус беше ставен и на заканите по отпорноста на владеењето на правото, кои беа дискутирани наспроти политичките препораки изработени на претходниот Форум на граѓанското општество. Овие сознанија, заедно со анализата на собраните податоци, ќе послужат како основа за изработка на сеопфатна аналитичка студија и конкретни политички препораки.
Податоците дискутирани на Форумот на граѓанското општество, во форма на RESILIO-ACCESS Монитор, се достапни онлајн и може да им пристапите тука.
RESILIO-ACCESS: Опсерваторија за отпорност на владеењето на правото во земјите кандидати за членство во ЕУ: Колку е отпорно владеењето на правото во земјите од процесот на проширување на ЕУ? RESILIO-ACCESS користи интердисциплинарен пристап за да одговори на ова прашање и идентификува на кој начин политиката на проширување на ЕУ може да придонесе кон отпорни демократски структури во регионот. Проектот е заеднички имплементиран од страна на Institut für Europäische Politik (IEP) Берлин и Институтот за демократија „Социетас Цивилис” Скопје.













