Кои се факторите што го прават владеењето на правото отпорно на закани и кризи? Може ли држава со слаби институции да издржи сериозни политички и демократски предизвици, и да се врати посилна? Дали пристапниот процес на Европската Унија промовира навистина отпорни институции, или само поттикнува краткорочна перформативност?
Овие прашања беа во фокусот на тридневната конференција организирана од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (IDSCS), во партнерство со Институтот за европска политика (Institut für Europäische Politik – IEP) од Берлин. Настанот што се одржа од 5 до 7 мај во Скопје, го означи почетокот на проектот „RESILIO-ACCESS: Опсерваторија за отпорност на владеење на правото во земји кандидати за членство во ЕУ“, поддржан од фондацијата „Штифтунг Меркатор“ (Stiftung Mercator).
Настанот ги поврза експертите од академската заедница, претставници на тинк-тенк организации, граѓански организации, креатори на политики и други клучни чинители од земјава и странство, што работат на теми поврзани со владеење на правото и интеграција во Европската Унија.
Конференцијата ја отвори Марко Трошановски, претседателот на Институтот за демократија кој се заблагодари на поддршката на донаторот на проектот „Штифтунг Меркатор“ и партнерите од Берлин-Институтот за европска политика. Тој истакна дека во процесот на проширување на принципите на владеењето на правото, вклучувањето на земјите кандидати во механизмот за владеење на правото е позитивен чекор, затоа што нѐ става на иста позиција со земјите членки, со што сите се оценуваат под исти критериуми. Ова е многу важно за зајакнато чувство на припадност на регионот кон ЕУ. Објасни дека моделот на RESILIO всушност го пресликува овој знак на равенство пoмеѓу земјите членки и кандидатки во делот на оценување на отпорноста на владеење на правото.
„Целта на ваквите модели е да ги препознаат слабостите во владеењето на правото и навремено и стратешки да ги информираат носителите на одлуки каде треба да го насочат вниманието. Во овие несигурни времиња на војни и геополитички турбуленции, владеењето на правото сè повеќе се турка на маргините, но јас верувам дека не се само воената моќ и економската сила тие што ја прават една држава отпорна – туку токму почитувањето на правото и управувањето водено од демократски вредности и правила е она што ѝ овозможува да напредува и да стане отпорна“, рече Трошановски.
Проф.др Фунда Текин, директорка на Институтот за европска политика од Берлин, нагласи дека проектот RESILIO-ACCESS има за цел да ја измери отпорноста на владеењето на правото во земјите кандидати за ЕУ и да анализира како пристапниот процес влијае врз таа отпорност. Според неа, не е доволно формално исполнување на критериуми, важно е да се разбере што ги зајакнува или поткопува темелите на демократијата.
„Отпорноста, мора да се гледа низ призмата на активното граѓанско општество и вистинските демократски практики, а не само преку институционални структури“, рече таа.
Мира Луте-Шу, проект менаџерка во „Штифтунг Меркатор“, потенцираше дека е добро што препознаваме дека во време кога владеењето на правото е под притисок, неговата способност за одбрана е поважна од кога било.
Конференцијата беше заокружена со панел-дискусијата „Владеење на правото и процесот на пристапување во ЕУ-предизвици и можности за земјите-кандидатки и за ЕУ“ на која се отворија важни прашања како тоа дали процесот на пристапување во ЕУ и натаму се темели на заслуги, или геополитиката сè почесто го диктира темпото на интеграцијата и како може да се набљудува врската меѓу владеењето на правото и пристапувањето кон ЕУ во различни контексти?
Во дискусијата што ја водеше Борјан Ѓузелов од Институтот за демократија, учествуваа проф. д-р Фунда Текин, директорка на Институтот за европска политика од Берлин, проф. д-р Богдан Веселовски, од универзитетот „Тарас Шевченко“ од Киев, проф. д-р Марко Кртолица, од Правениот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје и Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика од Скопје.
Професорката Текин се осврна на улогата и кредибилитетот на условеноста на ЕУ за промоција на владеењето на правото во земјите аспиранти и нагласи и дека е важно да се следи врската помеѓу владеењето на правото и пристапувањето во ЕУ во различни контексти. Таа укажа дека процесот на пристапување во ЕУ, иако формално заснован на заслуги, во реалноста има две логики, но исто така е подложен на политизација.
„Првата се нарекува логика на модернизација и е фокусирана на односот меѓу ЕУ и земјите кандидати, таа е меритократска и фокусирана на домашна демократизација. Но, тука се соочуваме со проблеми со кредибилитетот, што го намалува апетитот за модернизација кај земјите кандидати. Постои и втора логика, која е геополитичка, таа е повеќе меѓународна отколку домашна и повеќе насочена нанадвор отколку навнатре. Таа се занимава со зајакнување на безбедноста и моќта на ЕУ. По руската агресија, оваа логика превладеа, и затоа процедурите со Молдавија и Украина се одвиваат доста брзо. Ако го разгледаме прашањето за владеењето на правото, втората логика не е решение“, рече Текин.
Професорот Кртолица ги отвори прашањата поврзани со демократијата во самите земји членки на ЕУ, и што од тие искуства може да научат земјите аспиранти. Оцени дека политиката на проширување на ЕУ останува најмоќната алатка за трансформација на земјите од Западен Балкан, но предупреди дека политизацијата и одложувањето на процесот го поткопуваат неговиот кредибилитет. Го посочи и случајот со нашата земја, која направи големи компромиси, но не беше наградена, што според него испрати сигнал до другите земји дека не вреди да се прават отстапки, бидејќи може да завршат исто.
„По руската агресија, се смени динамиката и сега гледаме поизвесни датуми (за почеток на преговори и за членство), што се совпаѓа со раст на параметрите за владеење на правото. Кога постои точен датум, може да се види напредок. Кога датумот е нејасен, политичките елити го користат тоа“, рече тој.
Кртолица додаде дека Планот за раст и Реформската агенда претставуваат поконструктивен начин за мерење на напредокот, но предупреди: „Демократијата не е завршена работа- назадувањето е можно дури и по членството во ЕУ.“
Професорот Веселовски, се осврна на искуството на Украина во услови на војна, истакнувајќи ја реформата како неопходност, а не луксуз.
„Владеењето на правото не е само формалност за Брисел, тоа е она што ја држи една нација заедно, особено во војна. Украина докажува дека реформите се можни дури и под оган: го чистиме судството, се бориме со високата корупција и остануваме верни на демократските вредности. Украина покажува дека и среде војна, суштинските реформи не само што се можни, туку се неопходни. Дури и ако геополитиката или вета го одложат почетокот на преговорите за пристапување, нашиот пат е јасен, затоа што овие реформи не ги бара само ЕУ, туку и нашите граѓани. Од Западен Балкан може многу да се научи, и за силата на постојаното граѓанско ангажирање и за опасностите од реформи што остануваат само на хартија“, рече тој.
Кацарска оцени дека пристапните преговори не се „магично стапче“ за реформи и нагласи дека градењето внатрешен консензус и притисок за промени е клучно, независно од текот на преговорите со ЕУ.
„Во Македонија беше занемарена потребата од воспоставување дијалог со судството околу реформите поврзани со пристапниот процес, сите засегнати страни треба да се усогласат околу правецот во кој се движиме. Овој внатрешен дијалог е поважен дури и од дијалогот со Европската комисија“, рече таа.
Додаде дека од македонското искуство може да се научат и позитивни и негативни лекции:
„Во 2008 година успеавме да го намалиме бројот на предмети во судството, што покажува дека можат да се спроведат интервенции кои не се политички. Но, негативната поука е политизацијата и политичкиот притисок при изборот на судии. Постојат и други примери, Србија значително ги одложи реформите, повеќе од нас. Црна Гора е некаде на средина, од нив може да се научи за ризикот, ако процесот се води само врз основа на геополитичка тежина. Колегите од Црна Гора гледаат кај нас ризик од прерано влегување во пристапни преговори. Молдавија пак, се соочува со слични предизвици какви што имаше Хрватска во 2011 година“, рече Кацарска.
Проектот, RESILIO-ACCESS, спроведуван од Институтот за демократија и Institut für Europäische Politik- IEP од Берлин има за цел да развие аналитички алатки за мерење на отпорноста на институциите во земјите-кандидати за членство во ЕУ. Отпорноста се сфаќа како способност на правниот и институционалниот систем да функционира независно, ефикасно и правично-дури и под притисок.