Локалните инспекциски служби се клучен механизам за спроведување на регулативите во области што директно го засегаат секојдневието на граѓаните, но нивното функционирање останува недоволно истражено, координирано и регулирано. Ова создава празнина меѓу законската рамка и нејзината практична примена, што овозможува дискреционо постапување и ризици од корупција.
Проектот ,,Локалните инспектори под лупа: Унапредување на законитоста и одговорноста на локалната инспекција” ја адресира оваа состојба на институционална фрагментација, недоволна отчетност и слаб јавен надзор преку создавање на ново, систематизирано знаење и поттикнување јавна и институционална дискусија за реформи во локалниот инспекциски систем. Активностите се насочени кон детално мапирање на состојбата со локалните инспекции, анализа на правната рамка и нејзините празнини, идентификација на ризици од корупција и проценка на механизмите за законитост и одговорност.
Во таа насока, проектот ќе работи кон остварување на следните цели:
- Унапредување на законитоста, одговорноста и интегритетот во работата на локалните инспекциски служби, како дел од системот на владеење.
- Обезбедување на систематизиран преглед на моменталната состојба, надлежностите и ризиците од корупција во локалниот инспекциски надзор.
- Зголемување на отчетноста и интегритетот во работата на локалните инспектори преку анализа на начелото на законитост и одговорност.
Проектот што го реализираме во партнерство со Институт за социолошки, политички и правни истражувања (ИСППИ), од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
Период на имплементација: јануари 2026 – декември 2026.
Одобрени средства: 2,962,939 денари
Донатор: Цивика мобилитас