fbpx
logo

Анализа на правната рамка за локален инспекциски надзор

Локалните инспекции се на чело на секојдневното спроведување на законите – од градежништвото до животната средина. Но дали правната рамка која го уредува нивното работење е доволно јасна, кохерентна и функционална? Тоа е прашањето на кое одговара документот со препораки за јавни политики „Анализа на правната рамка за локален инспекциски надзор“, изработена од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) во рамки на проектот „Локалните инспектори под лупа“, кој се спроведува во партнерство со Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Главни препораки од анализата:

  • Преку Колегиумот на директори на државни инспекторати, потребно е појасно да се операционализира соработката меѓу државните и локалните инспектори – заеднички инспекции, размена на информации, заедничка база на податоци, стандардизација на работата.
  • Нормативно да се уреди можноста Колегиумот да дава советодавно мислење при правни дилеми во однос на судир на надлежности меѓу локалните и државните инспекторати.
  • Нормативно да се определи минималниот број и вид инспекции во рамките на ЕЛС – во областите на градежништво, комунални дејности, образование, животна средина, транспорт и заштита, со обврска за финансирање и екипирање приоритетно на товар на државата.
  • Преку меѓуопштинска соработка, да се склучат меѓуопштински договори за формирање на заеднички локални инспекциски служби меѓу соседни општини.
  • Да се разгледа можноста за формирање на единствен систем на инспекциски надзор, со годишни програми, месечни планови и извештаи, кој ќе овозможи координиран настап на државните и локалните инспектори.
  • Годишниот извештај и плановите за работа да бидат дигитализирани и поврзани во систем со унифицирана методологија за процена на ризик.
  • Да се предвиди стандардизиран контролен механизам во вршењето на локален инспекциски надзор, по примерот на Комисијата предвидена со Законот за инспекциски надзор во животната средина (2022).
  • Да се преиспита укинувањето на системот на лиценцирање на инспекторите и да се анализира потребата од повторно воведување, со цел диференцијација според степенот на сложеност и одговорност.
  • Да се унифицира законскиот статус на инспекторите, кои во моментот истовремено подлежат на три закони. Да се разгледа можноста за донесување lex specialis закон за инспекциски службеници.
  • Внимателно да се детализираат стандардизирани механизми за институционализиран пренос на знаења и обуки на локалните инспектори преку Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници.

 

Прочитајте ја целосната анализа:
Анализа на правната рамка за локален инспекциски надзор

 

 


 

Овој документ е подготвен во рамки на проектот „Локалните инспектори под лупа: Унапредување на законитоста и одговорноста на локалната инспекција“, кој го спроведува Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во партнерство со Институтот за социолошки, политички и правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.“

„Цивика мобилитас е проект на Владата на Швајцарија, кој го спроведуваат МЦМС, НИРАС и ФЦГ. Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.“

Настани поврзани со проектот

Поврзани објави