fbpx
logo

Настан на Институтот за демократија во Собрание: Реформската агенда и Берлинскиот процес низ призмата на европската интеграција

Во услови кога европската интеграција повторно е во фокусот на јавноста, во Собранието на Република Северна Македонија денес се отвори суштинска дебата за тоа како изгледа европскиот пат во практика, кои се реалните резултати од Берлинскиот процес и како Реформската агенда се спроведува на институционално ниво.
Берлинскиот процес и Реформската агенда беа препознаени како клучни механизми за регионално поврзување, економски развој и забрзување на европската интеграција на државата, при што беше посочена потребата од континуиран парламентарен надзор, подобра институционална координација,транспарентно следење на реформските чекори и проактивна улога на граѓанскиот сектор.

Овие прашања беа во центарот на настанот „Реформската агенда и Берлинскиот процес низ призмата на европската интеграција: Улогата на Парламентот во спроведувањето на регионалните приоритети“, во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, во соработка со Комисијата за европски прашања и Меѓупартиската група за следење на имплементацијата на Берлинскиот процес и Реформската агенда.

 

 

Дебатата ја отворија Антонијо Милошоски, претседател на Комисијата за европски прашања и претседавач со Меѓупартиската група за следење на имплементацијата на Берлински процес и Реформската агенда, Викторија Трајков, заменик-министер за европски прашања и Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија.
Во своите обраќања, говорниците ја истакнаа потребата од постојана координација меѓу институциите за следење и исполнување на обврските што произлегуваат од Берлинскиот процес и од Реформската агенда. Нагласена беше улогата на парламентот како место каде што реформите добиваат политички легитимитет и јавна отчетност.

Милошоски истакна дека денешниот форум има за цел да направи преглед на досегашната реализација на обврските и на чекорите што следуваат во наредниот период. Нагласи дека Собранието, преку меѓупартиската група, ќе продолжи активно да го следи и поддржува процесот на имплементација на Реформската агенда и Берлинскиот процес како дел од европската интеграција.

„Денешната сесија е можност да направиме јасен скрининг на реализираните обврски и на оние што ни претстојат. Собранието и пратениците, особено преку меѓупартиската група, ќе продолжат со засилено следење на Реформската агенда и Берлинскиот процес како клучни инструменти за посилна интеграција на земјата со Европската Унија.“

Милошоски дополнително посочи дека напредокот на реформите не зависи само од усвојувањето на законите, туку и од јасната политичка поддршка зад нив. Тој нагласи дека реформските закони од европската агенда треба да се носат со поширок политички консензус, како сигнал за зрелост и за вистинска посветеност на европскиот пат.
„Кога носиме закони што се дел од реформската агенда и од европските обврски, важно е тие да бидат поддржани заеднички, а не само формално изгласани. Тоа испраќа силна порака дека европската интеграција е наш заеднички интерес, надвор од дневнополитичките разлики, рече Милошоски.“

Трајков во своето обраќање кажа дека Берлинскиот процес и Реформската агенда се клучни механизми за регионално поврзување, економски раст и забрзување на европската интеграција. Таа исто така додаде дека Владата останува целосно посветена на исполнување на преземените обврски како реална можност за посилен развој и подобар квалитет на живот.
„Берлинскиот процес и Реформската агенда не само наша обврска, туку и потреба. Тие се шанса за наше регионално економско, социолошко и културолошко обединување, преку кое ќе ги согледаме нашите слабости, но и ќе ги претвориме во можности. Ова е и шанса побрзо да се доближиме до ЕУ преку спроведување на европските стандарди и вредности, а улогата на парламентите во регионален, но и национален контекст е пресудна за успешна имплементација на зацртаните планови и приоритети. Листата на задачи кои ни се зададени е долга, но тоа не треба да не обесхрабрува, туку за нас претставува предизвик. Охрабрува тоа што дел од овие реформи се веќе спроведени, а дел остануваат да се спроведат во периодот што следува“, рече Трајков.

Трошановски изјави дека парламентарната димензија на Берлинскиот процес е клучна за зголемување на демократската отчетност и за приближување на реформите до граѓаните. Тој нагласи дека Институтот за демократија активно го поддржува процесот, а воспоставувањето на меѓупартиската група претставува важен чекор кон поефикасно следење на Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда.
„Берлинскиот процес ја доби својата парламентарна димензија токму за да се зајакне чувството на сопственост врз реформите кај граѓаните. Во услови на застој на европските интеграции, овие процеси беа единствениот вистински механизам што ги поврза земјите од регионот преку заедничкиот пазар, зелената и дигиталната транзиција. Денес, преку меѓупартиската група, Собранието има алатка активно да ја држи Владата одговорна за реформите, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата.“

 

 

Трошановски посочи и дека улогата на граѓанскиот сектор останува клучна во следењето на реформите и дека ваквите сесии се особено значајни во периодите меѓу извештаите на Европската комисија, кога е неопходно институциите транспарентно да известуваат и за напредокот и за евентуалните доцнења во реформските процеси.

 

Панел-дискусии за Берлинскиот процес по Лондон 2025 и реформскиот пат кон ЕУ

 

Во рамки на првиот панел беа презентирани главните резултати и приоритети од Самитот на Берлинскиот процес во Лондон, како и можностите за продлабочување на дијалогот меѓу Парламентот и Владата во однос на спроведувањето на регионалните и европските обврски.

Свои излагања имаа пратеничките Сања Лукаревска и Дијана Тоска, како дел од делегацијата на Северна Македонија во Лондон. На панелот се обрати и директорот на Директоратот за ЕУ при Министерството за надворешни работи Адреј Лепавцов, кој говореше за наодите од министерскиот состанок за надворешни работи.
Перспектива од граѓанскиот сектор и наодите од Форумот на граѓанското општество ги презентираше Миша Поповиќ од Институтот за демократија.

 

 

Вториот панел беше посветен на степенот на имплементација на реформите од Реформската агенда во рамките на Планот за раст, како и на улогата на институциите во натамошното спроведување на преземените обврски. Во дискусијата учествуваа, Стефан Ристовски од Институтот за европски политики, Бојана Босилкова од Министерството за правда, како и Тодор Коневски од Министерството за енергетика.

Говорниците се согласија дека имплементацијата на реформите мора да биде поефикасна, со јасно следење на напредокот, редовно известување и силна парламентарна контрола за да се забрза процесот на европска интеграција.

Настанот организиран во рамки на проектот „Зајакнување на учеството на граѓаните и бизнисите во Берлинскиот процес и Реформската агенда во Република Северна Македонија“, финансиски подржан од Фондација Отворено општество – Западен Балкан, заврши со порака дека европската интеграција останува стратешки приоритет, а успешната имплементација на реформите е клучна за довербата во институциите и за забрзување на патот кон Европската Унија.

 

Настани поврзани со проектот

Поврзани објави