fbpx
logo

Што значат Планот за раст и Реформската агенда и кои се придобивките од нивното исполнување?

Патот на Северна Македонија кон Европската Унија (ЕУ) започна во 2001 година со потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација. Иако членството не е сѐ уште реалност, самиот процес на пристапување, преку темелни реформи на системот има за цел да ја приближи државава до европските стандарди.  Преку реформи што се спроведуваат во рамки на евро-интегративниот пат, државава постепено се усогласува со европските стандарди, што директно се одразува на подобрување на животот на граѓаните. ЕУ, преку различни програми и финансиски иструменти, веќе обезбедува поддршка за проекти што поттикнуваат економски раст, отвораат нови работни места, го подобруваат образованието, здравството и јавните услуги.

Секоја нова фаза од приближувањето до ЕУ овозможува поголем пристап до вакви бенефити, кои се насочени кон создавање поповолна бизнис-клима, зголемена конкурентност и поквалитетен живот за сите граѓани. Но, клучот за искористување на овие можности лежи во посветеното и навремено спроведување на реформите – затоа што тие не се само услов за членство, туку и средство за изградба на поправедно и поразвиено општество.

 

 

ПЛАН ЗА РАСТ, РЕФОРМСКА АГЕНДА И 750 МИЛИОНИ ЕВРА

 

Како една од своите иницијативи за поддршка на регионот, ЕУ во 2023 година го најави Планот за раст на Западен Балкан и ја одобри македонската Реформска агенда 2024 – 2027 со која ќе се забрзаат клучните реформи во земјата.  

Преку планот за раст на Западен Балкан, земјите од регионот треба побрзо и поефикасно да ги постигнат европските стандарди уште пред да станат членки во ЕУ. Тие стандарди значат многу повеќе од усогласување на закони. Тие значат поквалитетен живот, поефикасни услуги, чиста животна средина и дигитална трансформација.

Како ќе се постигне тоа? Планот за раст се темели на четири столбови:

 

  • Подобрување на економска интеграција со Единствениот пазар на ЕУ
  • Засилување на економската интеграција во земјите од Западен Балкан преку Заедничкиот регионален пазар
  • Забрзување на клучните реформи
  • Зголемена финансиска поддршка

 

Исполнувањето на клучните реформи на Северна Македонија ќе ѝ донесе вкупно 750 милиони евра, од кои 215 милиони евра неповратни грантови и 535 милиони евра поволни заеми.

Според Анамарија Велиновска, истражувачка во Институтот за демократија, придобивките што ги нуди Планот за раст ќе станат реалност само ако државата навремено и доследно ги спроведе предвидените реформи.

„Придобивките од Планот за раст нема да дојдат сами по себе-тие зависат од тоа колку доследно и навремено ќе ги спроведеме реформите. Ако направиме реален напредок во владеењето на правото, дигитализацијата, зелената транзиција и другите области, тогаш ќе ги почувствуваме резултатите: подобри банкарски услуги, како што веќе гледаме со пристапувањето во СЕПА, подобро образование, поквалитетни јавни сервиси и економија што нуди повеќе можности“, истакнува Велиновска.

 

 

КОИ СЕ КЛУЧНИТЕ РЕФОРМИ ЗА ДОБИВАЊЕ НА ОВИЕ СРЕДСТВА?

 

Реформската агенда на Северна Македонија 2024 – 2027 е документ во кој се содржани чекорите што ќе ги преземе државава за да го унапреди квалитетот на живот на граѓаните, но и да ги добие ветените средства. Таа се базира на конкретни и мерливи резултати, на тој начин обезбедувајќи гаранција дека средствата од финансиската поддршка ќе се исплатат само по остварување видлив напредок во спроведувањето на клучните реформи.

Реформската агенда се состои од следните области: реформа на јавната администрација, енергетска и дигитална транзиција, човечки капитал, владеење на правото и развој на приватниот сектор и бизнис средината. Реформите во овие области се структурирани во насока на решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните и компаниите и подобрување на нивната социо-економска положба.

 

ЧЛЕНСТВОТО ВО СЕПА – КОНКРЕТНА ПРИДОБИВКА ОД ПЛАНОТ ЗА РАСТ

 

Членството во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) е првата покрупна придобивка за Северна Македонија од Планот за раст на Западен Балкан со станувањето на 39-тата членка на СЕПА во март 2025 година.  Наместо скапи и бавни трансакции, од граѓаните ќе може да праќаат и примаат пари во евра со сите земји од ЕУ, потоа Обединетото Кралство, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Андора, Ватикан, Монако, Лихтештајн, Сан Марино, како и во Албанија и Црна Гора,. Тоа значи помалку провизии, побрза услуга и поголема сигурност.

Ова значи дека секојдневните активности, како што се онлајн купување, плаќање услуги во странство или трансфер на средства до семејство и пријатели надвор од земјата, стануваат поедноставни и поевтини. Ова е особено важно за илјадници наши сограѓани што живеат и работат во странство, кои преку дознаки во странство праќаат пари на своите семејства во земјава. Станува збор за значителна сума која се проценува на околу две милијарди евра или 15 отсто од БДП. Досега, овие пари често пристигнуваа во готовина или преку скапи банкарски трансфери. Со СЕПА, трансферите во странство ќе бидат многу поевтини и побрзи.

Дополнително, фирмите ќе можат лесно да прават плаќања кон странски партнери и да добиваат средства со исти услови како фирмите од земјите членки на ЕУ. Според проценките, трошоците за трансакции до 20.000 евра ќе се намалат од 12 до 15 пати.

 

 

Како што истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, членството на Северна Македонија во СЕПА претставува значаен чекор кон европската интеграција на финансискиот систем.

„Оваа стратегиска определба не само што ќе овозможи поефикасни и поевтини прекугранични плаќања, туку и ќе го поддржи процесот на европска интеграција, изјави Ангеловска-Бежоска.

 

СО ПОСВЕТЕНОСТ ДО ПОПРАВЕДНО И ПОНАПРЕДНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ

 

Успехот на Планот за раст и на Реформската агенда зависи од активното учество на повеќе клучни чинители, во кои спаѓаат владините институции, граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и граѓаните. Напредокот кон европското семејство и кон повисок квалитет на живот е изводлив епилог, но за да стане реалност неопходни се искрена посветеност и оптимизам дека можеме да изградиме поправедно, подостоинствено и понапредно општество за сите.

 

Овој извештај е изработен од страна на Институт за демократија „Социетас Цивилис”, во рамките на проектот „Зајакнување на учеството на граѓаните и бизнисите во Берлинскиот процес и Реформската агенда на Северна Македонија“, финансиран од Фондација Отворено општество – Западен Балкан. Изнесените ставови и мислења се само на авторот(ите) и не ги одразуваат нужно ставовите на Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан. 

Настани поврзани со проектот

Поврзани објави