fbpx
logo

Ќе им речеме ли збогум на шалтерите? Време е за дигитална трансформација на администрацијата

РЕФОРМСКАТА АГЕНДА 2024 – 2027: АНАЛИЗА НА ОБЛАСТА ДИГИТАЛИЗАЦИЈА

 

Вадењето документи или завршувањето некоја административна процедура често пати знае да биде макотрпна работа. Редици пред шалтери, препраќање од една во друга институција, чекање со недели да се добие потребниот документ се само дел од искуствата со кои се соочил секој од нас. Неспорно е дека во земјава со години се работи на воведување сеопфатен систем на е-услуги, но впечаток е дека тој процес се одвива споро и не ги поттикнува граѓаните секогаш да го изберат полесниот пат.

Реформската агенда 2024 – 2027, која е клучен документ за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, предвидува побрза и поефикасна замена на „шалтеризацијата“ со дигитализација. Во документот се предвидени неколку клучни реформи кои треба да придонесат за приближување кон европските стандарди на дигитална трансформација.

 

Photo: Freepik.com

 

„Реформите во дигитализацијата предвидени во Реформската агенда 2024–2027 се сеопфатни и насочени кон трансформација на јавната администрација во побрз, потранспарентен и поефикасен систем кој работи во интерес на граѓаните и бизнис секторот. Тие опфаќаат активности на повеќе нивоа – од унапредување на законската рамка, преку мрежно поврзување и дигитална инфраструктура, до развој на нови електронски услуги и интегрирање на сајбербезбедноста како клучен елемент во сите процеси“, велат од Министерството за дигитална трансформација.

Во овој текст ги анализираме неколкуте клучни чекори кои треба да придонесат до крајот на 2027 година голем број процедури да може да се завршат брзо, лесно и безбедно преку лаптоп или мобилен телефон.

 

ЕДНА ОНЛАЈН АДРЕСА ЗА СИТЕ ДОКУМЕНТИ

 

И на интернет е полесно кога работата може да се заврши на една адреса. Токму ова е една од целите дефинирани во Реформската агенда, според која до јуни 2027 година бројот на достапни е-услуги треба да надмине 400, со главен фокус на даночните и здравствените услуги.

Централната онлајн локација на која граѓаните и компаниите можат електронски да аплицираат и да добијат услуги од институциите е националниот портал за е-услуги uslugi.gov.mk. Во моментов, порталот нуди 313 електронски услуги за граѓаните и бизнис секторот и има регистрирано околу 206.000 корисници. Преку него се поднесени околу 180.000 барања за услуги, од кои најчесто користени се издавање потврда за казнена евиденција, издавање или замена на лична карта и возачка дозвола, уверение за државјанство, барање за дозвола за оружје, итн.

 

 

Од Центарот за управување со промени – ЦУП велат дека главен проблем е ниската искористеност на националниот портал за е-услуги.

„Државниот завод за ревизија во својот извештај наведува дека искористеноста на порталот е толку ниска што една услуга ја чини државата 12.815 денари, што е неодржливо за институциите. На самиот сајт uslugi.gov.mk стои дека порталот има 205.988 регистрирани корисници, што значи дека само 11,3 отсто од целосното населени е приклучено на порталот. Согласно изјавата од УЈП од 2023 година, апликацијата МојДДВ има 523.673 корисници или 28,7 отсто од целосната популација, што значи дека МојДДВ е поуспешна алатка која ја нуди Владата. ЦУП препорачува поврзување на постоечките корисници на МојДДВ со порталот преку е-ID системот, со што на едноставен начин и без дополнителни финансиски и административни оптоварувања ќе се овозможи пристап на голем број граѓани до порталот и електронските услуги кои веќе им се нудат“, посочуваат од граѓанската организација.

Според Владимир Трајковиќ, професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), прашањето што треба да се постави е како услугите да се направат да бидат од корист за граѓаните.

„Дали се тие безбедни, лесно достапни, едноставни за користење, брзи и ефикасни? Ако одговорот на сите прашања е да, тогаш треба промоција. Во спротивно анализа на одговорите. За институциите да бидат сигурни дека е сѐ во ред може да се направи едноставна анализа на цена на дигитлизација на услуга во сооднос со број на реализирани услуги. Ако има мал број на реализирани сервиси, тогаш сервисите имаат некаков проблем или не се навистина корисни“, вели Трајковиќ.

Од Министерството за дигитална трансформација очекуваат со растот на бројот на услуги и подобрување на корисничкото искуство на националниот портал, да порасне и бројот на корисници.

„Во следниот период порталот ќе биде дополнително развиван, со цел постепено проширување на услугите, а ќе се развива и мобилна апликација (дигитален паричник) која ќе овозможи пристап до дел од нив. Со ова, граѓаните ќе можат да користат електронски услуги уште поедноставно, како и да чуваат електронска верзија на два лични документи во националниот дигитален паричник“, објаснуваат од министерството.

 

ДИГИТАЛНО ПОВРЗАНИ ИНСТИТУЦИИ ЗА ДА НЕМА „ШЕТАЊЕ“ ПО ИНСТИТУЦИИ

 

Една од клучните реформи, од која во голема мера зависи процесот на целосна дигитализација на услугите, е интероперабилноста меѓу институциите. Тоа значи дека тие ќе можат брзо и безбедно меѓусебе да разменуваат информации што ќе ја анлуира сегашната пракса граѓаните да „шетаат“ од институција до институција за да ги обезбедат потребните документи. Реформската агенда предвидува до декември 2026 година да се воведе единствен систем за управување со документи за сите институции на централно ниво, а до јуни 2027 година да се осигура интероперабилност меѓу центарот за податоци и институциите.

Во моментот, на платформата за интероперабилност има приклучено 72 институции и компании кои на годишно ниво прават над 10 милиони трансакции.

„Непречениот проток на информации преку платформата за интероперабилност, драстично го намалува времето потребно за пренос на информациите во хартиена форма преку стандардни поштенски услуги помеѓу државните институции. Граѓанинот треба само да поднесе барање за апликација и доказите за кои не се води службена евиденција, а самата институција да ги набави доказите за кои постои службена евиденција од други институции. Доколку обезбедувањето оди во хартиена форма, ова одзема неколку денови, додека со платформата за интероперабилност овие докази се прибираат за неколку секунди“, го опишуваат процесот од Министерството за дигитална трансформација.

 

Photo: Pixabay.com

 

„Обично се прави јадро на кое секој обезбедувач на услуги (институција) и било кој побарувач на услуги (институција, компанија) треба да може лесно да се закачи и да искористи информации без да им треба помош од неаков провајдер. Не сум сигурен дека е тоа кај нас случај. Можеби тоа би бил првиот чекор“, препорачува професорот Трајковиќ.

 

ДИГИТАЛЕН ПАРИЧНИК И ЕЛЕКТРОНСКИ ПОТПИС ЗА СЕКОЈ ГРАЃАНИН

 

Секој граѓанин ќе може да носи дел од личните документи во својот мобилен телефон. Ова го предвидува воведувањето на алатката Дигитален паричник за електронски идентитет и електронски потпис. Станува збор за мобилна апликација, во која на почеток граѓаните ќе може да ги сместат својата лична карта и возачка дозвола и по потреба да ги користат за легитимација. Втората фаза ќе овозможи во дигиталниот паричник да се воведе и личен електронски потпис.

„Овие алатки овозможуваат сигурен и едноставен пристап до електронски услуги, без потреба од физичко присуство. Граѓаните ќе можат да потпишуваат документи електронски со квалификуван сертификат, кој има иста правна сила како своерачниот потпис, забрзувајќи ги административните процеси и намалувајќи ја бирократијата“, велат од Министерството за дигитална трансформација.

Дел од ситуациите во кои дигиталниот паричник ќе има практична примена се при поднесување барања и апликации преку националниот портал за услуги, склучување договор со банка или осигурителна компанија, потпишување договори со оператори или купопродажба и изнајмување недвижност преку потпишување електронски договор со агент или нотар.

 

ИЛИ ДИГИТАЛИЗАЦИЈА ИЛИ СТАГНАЦИЈА

 

Во време кога на светско ниво вештачката интелигенција (AI) драстично го менува начинот на живот и станува составен дел од процесите во компаниите, но и во јавниот сектор, јасно е дека дигитализацијата на услугите мора да се случи што е можно побрзо и да опфати што повеќе постаапки. Еден од условите за целосна дигитализација е таа да биде еднакво достапна на сите, вклучувајќи ги и повозрасните и лицата со пониско ниво на дигитална писменост. Од Министерството за дигитална трансформација објаснуваат дека преку мултисекторски пристап и вклученост на граѓанскиот сектор, стопанските комори, академската заедница се имплементира и столбот „Дигитални компетенции и инклузивност“.

„Овој столб ја претставува сржта на човековиот аспект на дигиталната трансформација, обезбедувајќи еднакви можности за сите. Преку него се промовира развој на дигитални вештини, градење на свеста за безбедно и одговорно користење на технологијата и создавањето еднакви услови за сите, независно од социјалните, демографските или економските предуслови. Дигиталната трансформација не е само технолошки процес, туку инструмент за поголема еднаквост, безбедност и квалитет на живот, кој ќе обезбеди секој граѓанин, без исклучок, да биде дел од модерна и поврзана Македонија“, велат од министерството.

 

Photo: Pixabay.com

 

Од ЦУП потенцираат дека највисок приоритет за Владата и за министерството мора да биде спроведувањето и исполнувањето на поставените мерки и рокови во Реформската агенда 2024-2027 година.

„Во агендата се поставени роковите и целите кои мора да бидат исполнети за државата да може да ги добие траншите кои се понудени од страна на Европската Унија како поддршка за реформите кои се неопходни за ЕУ интеграцискиот процес. Неуспешната имплементација на целите поставени во реформската агенда ќе значи огромна финансиска загуба за државата, а сепак ќе мора државата да ги имплементира промените за да продолжи со ЕУ интеграцијата, но без финансиска добивка.“

Дигиталната трансформација на општествата не е еднократен процес кој има свој почеток и крај. Напротив, тој подразбира постојано инвестирање и следење на технологиите, а носи придобивки и за граѓаните, и за компаниите, и за државата. Граѓаните и компаниите ќе добијат побрзи, поедноставни и поевтини процедури, достапни онлајн, додека за државата тоа ќе значи поголема транспарентност и ефикасност, како и приближување до стандардите на Европската Унија.

 


 

ШТО ДОБИВААТ ГРАЃАНИТЕ?

Реформската агенда, преку исполнувањето на мерките и чекорите во сегментот дигитализација, предвидува јасни и прецизни придобивки за граѓаните.  

Една платформа за сите онлајн услуги од државата

  • Нема чекање по шалтери, сите документи се достапни онлајн на една адреса
  • Лесно аплицирање и следење на постапката од лаптоп или мобилен телефон
    Пристап 24/7, 365 дена во годината

 

Секој граѓанин добива дигитален паричник и електронски потпис

  • Безбедно, брзо и евтино завршување административни процедури
  • Лични документи достапни на еден клик на мобилниот телефон
  • Валиден електронски потпис во институции, банки, осигурителни компании, телеком оператори, нотари

 

Личните податоци на граѓаните ќе бидат безбедни на интернет

  • Ќе се развие безбедна мрежна инфраструктура за администрацијата до крајот на 2027 година
  • Намален ризик од злоупотреба на личните податоци и поголема доверба во онлајн услугите

 

Поврзани институции – Интероперабилност

  • Институциите разменуваат податоци и документи за неколку секунди
  • Нема потреба граѓанинот да „шета“ од шалтер на шалтер
  • Посигурни, побрзи и поевтини процеси со помал ризик за грешки

 

Развој на дигитални вештини и инклузивност

  • Сите ќе можат да ги користат онлајн јавните услуги без разлика на возраста, полот, местото на живеење, степенот на дигитална писменост
  • 12 административни центри во државата, кои ќе нудат помош и поддршка во пристапот до електронските услуги
  • Бесплатни обуки и дигитални асистенти во општините
  • Субвенции за ИТ – опрема во руралните средини

 

Овој извештај е изработен од страна на Институт за демократија „Социетас Цивилис”, во рамки на проектот „Зајакнување на учеството на граѓаните и бизнисите во Берлинскиот процес и Реформската агенда на Северна Македонија“, финансиран од Фондација Отворено општество – Западен Балкан. Изнесените ставови и мислења се само на авторот(ите) и не ги одразуваат нужно ставовите на Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан.

Поврзани објави