fbpx
logo

„Парламентарна димензија на Берлинскиот процес“ – настан организиран од ИДСЦС во Бундестаг

Настанот „Парламентарна димензија на Берлинскиот процес“, организиран од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС) , а чиј домаќин беше германскиот Бундестаг се одржа на 9 октомври, во Бундестагот. Тој беше поддржан од Германското сојузно министерство за надворешни работи

Настанот ги собра членовите на парламентите од Западен Балкан и Бундестагот, парламентарни административци, како и претставници од тинк-тенк организации за да ја дискутираат нивната улога во Берлинскиот процес.

Д-р Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за европски прашања во Бундестагот и Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС, го отворија настанот со говори во кои ја истакнаа заедничката посветеност кон напредокот на реформите што го усогласуваат Западен Балкан со стандардите на ЕУ. Тие, исто така, ја потенцираа клучната улога на парламентарната дипломатија во во поттикнувањето на овој процес.

Пред присутните се обрати Хофрајтер, кој истакна дека ова е втор пат да се одржува ваков настан.

„Драго ми е што толку многу парламентарци дојдоа во Берлин за да разговараат за економијата на регионот, обновливите извори на енергија и владеењето на правото. Ова покажува колку е важно сите ние да соработуваме поблиску во Европа. Одлуките донесени на владино ниво на крај треба да се претворат во закони од страна на парламентите. Затоа е од големо значење парламентите да дискутираат заедно и да ги презентираат своите ставови. Важно е парламентарната димензија да продолжи да се одржува редовно еднаш годишно во иднина“, изјави Хофрајтер.

Трошановски нагласи дека Берлинскиот процес е суштински фокусиран на луѓето.

„Берлинскиот процес е за луѓето и постои исклучиво за луѓето, кои на крајот имаат корист од неговите придобивки. Парламентите мора да работат на приближување на придобивките од процесот до граѓаните, притискајќи ја Извршната власт да спроведува реформи кои ќе го подобрат квалитетот на животот и соработката во регионот за сите нас Ние постојано работиме во оваа насока и ќе продолжиме да го правиме тоа сѐ додека не се исполнат обврските и не се постигне крајната цел-членство на Западен Балкан во Европската Унија“, истакна Трошановски.

Во следните сесии, парламентарците се осврнаа на тековниот напредок во спроведувањето на Акциските планови за Заеднички регионален пазар и Зелената агенда, поконкретно областите на дигитализација и декарбонизација. Овие дискусии беа водени од наодите од мониторинг извештаите кои ја проценуваат тековната имплементација на акциските планови, усогласеноста на политиките и градењето капацитети низ Западен Балкан.

 

Клучните сесии се фокусираа на регионалната соработка и одржливоста


Првата сесија беше фокусирана на Заедничкиот регионален пазар, кој претставува основа за економска интеграција во регионот. По воведните забелешки од Зоран Нечев, раководител на Центарот за европски интеграции во ИДСЦС, Анамарија Велиновска (ИДСЦС) и Драгана Јаќимовиќ (Институт Алтернатива) ги презентираа наодите од  последните мониторинг извештаи. Дискусиите ја потенцираа важноста од отстранување на трговските бариери и поттикнување на прекуграничната соработка, кои ќе бидат основа за поефикасна регионална соработка и поблиско усогласување со економските политики на ЕУ.


Втората сесија се осврна на Зелена агенда, фокусирајќи се на декарбонизација и напорите за одржливост во Западен Балкан. По воведните забелешки од Татјана Штерјова-Душковска, генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум, основан од страна на шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан, истражувачите Јулијана Билбилај (Институтот за политички науки), Виолета Хаџоли (Демократски институт – Косово), и Марија Стефановиќ (Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) ги претставија своите наоди за тоа како регионот на Западен балкан може да се усогласи со климатските цели на ЕУ. На сесијата беше истакната и итноста во однос на декарбонизацијата и зголемување на инвестициите во обновливите извори на енергија за да се обезбеди долгорочна одржливост во регионот.

„Мониторинг извештаите нудат вредни информации за напредокот постигнат од земјите од Западен Балкан во областите на дигитализација и декарбонизација, како што е наведено во Акциските планови за Заедничкиот регионален пазар и Зелената агенда. Иако постојат значителни разлики во нивото на имплементација, многу иницијативи се по своја природа регионални и бараат заеднички напори за да се постигнат. Клучно е парламентите да ги искористат овие информации за ефективен надзор и мониторинг. На овој начин, тие можат да ги држат институциите одговорни за своите обврски и да се осигураат дека напредокот е постигнат и во дигитализацијата и во декарбонизацијата“, истакнаа истражувачите во заедничка изјава.


Собраниските службеници разменија најдобри практики


Како дел од настанот, се одржа и паралелен настан за парламентарни службеници, фокусиран на зајакнување на капацитетите на парламентите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес. Анамарија Велиновска, истражувачка во ИДСЦС, ја водеше сесијата. Претставници од Бундестагот, Јута Шнајдер-Шил, Бетина Креатон и Феликс Арндт од Bürgerräte, споделија најдобри практики за тоа како парламентарните администрации можат подобро да ги поддржуваат законодавните реформи и мониторингот на акциските планови поврзани со Берлинскиот процес.

Комисијата за европски прашања на Бундестагот организираше заеднички состанок на комисиите на ЕУ од Западен Балкан и Бундестагот за време на настанот „Парламентарна димензија на Берлинскиот процес“. Претставниците од Комисиите на ЕУ се осврнаа на две суштински теми:

 

  • Проширувањето и реформите на ЕУ
  • Иднината на регионалната соработка и поврзаноста во Западен Балкан

„Парламентарна димензија на Берлинскиот процес“ заврши со силно чувство за заедничка цел меѓу учесниците, кои ја истакнаа потребата од континуирана соработка за справување со регионалните и глобалните предизвици. Дискусиите ја потенцираа важноста на парламентарна дипломатија во поттикнувањето на реформите, подобрувањето на владеењето и зајакнувањето на улогата на Западен Балкан во процесот на интеграција во ЕУ.

Овој настан, организиран од страна на ИДСЦС и поддржан од Германското сојузно министерство за надворешни работи,  означи уште еден значаен чекор кон градење посилни, поинтегрирани односи меѓу Западен Балкан и ЕУ.

Настанот е дел од проектот „Парламентарна дипломатија: регионална соработка преку зајакнат парламентарен дијалог“ кој има за цел преку промоцијата на парламентарната дипломатија и искористување на механизмите за надзор од страна на парламентите на Западен Балкан, да ги промовира законите и придобивките од Берлински процес. 

Проектот е имплементиран од шест партнерски организации во земјите од Западен Балкан. Носител-организацијата на проектот е Институтот за демократија (ИДСЦС). Останатите партнери се Институт Алтернатива од Црна Гора, Институтот за политички науки од Албанија, Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) од Србија, Демократски институт – Косово и Мрежата на прогресивни иницијативи од Босна и Херцеговина.

 

Настани поврзани со проектот

Настан на ИДСЦС во Собрание: До каде сме со прогресот во Берлинскиот процес во однос на зелената агенда и заедничкиот регионален пазар?

04.09.2024

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) организираше настан...

Роамингот е една од многуте придобивки за граѓаните од Берлински процес

11.12.2023

Институтот за демократија денеска го одржа настанот „Придобивките од Берлинскиот...

Поврзани објави