logo

Институт за демократија ја промовираше студијата „Северна Македонија на Европската изборна мапа: колку е пропорционален македонскиот изборен модел?“

Институтот за демократија денеска во Библиотеката „Браќа Миладиновци“ ја презентираше студијата „Северна Македонија на Европската изборна мапа: колку е пропорционален македонскиот изборен модел?“ која го анализира степенот на пропорционалност помеѓу распределбата на гласови и распределбата на пратенички места во македонскиот изборен модел.

Преку споредба со 31 друга европска држава, студијата утврдува дека Република Северна Македонија се одликува со (значително) натпросечна пропорционалност според три клучни елементи на изборните модели: големината на изборните единици (на делба на шестото место од 32 држави), (не)постоењето на изборен праг (на делба на првото место) и бројот на пратеници (на делба на шестото место). Единствен исклучок е изборната формула, каде Северна Македонија ја користи најмалку пропорционалната – но и најчеста –  (Донтова) формула во Европа.

Оваа студија упатува на огромна претпазливост во понатамошната јавна дебата и при какви било законодавни чекори кон промена на изборниот модел кон повисоко ниво на пропорционалност.

Настанот го отвори претседателот на Институт за демократија, Марко Трошановски, кој рече дека дебатата за изборниот модел мора да се води врз основа на емпириски параметри бидејќи изборниот модел во голема мера го определува и политичкиот пејзаж.

„Секоја понатамошна инцијатива во оваа насока треба многу внимателно да се води и аргументира бидејќи ризикот од дополнително комплицирање на владејачките коалиции во насока на нивна стабилност може да создаде понестабилен политички амбиент во кој што треба да се спроведуваат реформите во ова општество“, смета Трошановски.

Еден од авторите на студијата, Кристијан Фидановски, Докторанд по семејни, социјални и пронаталитетски политики на универзитетот Оксфорд, смета дека во јавниот дискурс за изборните реформи најчесто се зборува само за една изборна единица, но темата е многу поширока и покомплексна.

„Изборниот модел и систем е нешто многу пошироко и изискува од нас како истражувачи и политички чинители да разгледуваме повеќе параметри. Важно ни беше да ја прикажеме големата слика во Европа и каде се наоѓаме компаративно бидејќи дебатата често се фокусира на тоа која партија колку пратенички места би добила а ја пропуштаме големата слика“, додаде Фидановски.

На крај, Влора Речица истражувачка при Институт за демократија и автор на студијата, истакна дека потребно е фокусот да биде врз тоа како било каква промена на изборниот модел ќе влијае врз развојот на демократијата, отколку на пребројување која партија колку мандати ќе добие во Собранието.

„Со високо ниво на клиентелизам и низок степен на политичка култура, заклучуваме дека постојат многу покрупни пречки за поразновиден партиски систем во Северна Македонија од изборниот модел, чија дополнителна пропорционализација, пак, би можела да има други сериозни негативни последици за македонската демократија“, вели Речица.

Истражувањето на македонски јазик може да го прочитате тука:

Северна Македонија на европската изборна мапа: Колку е пропорционален македонскиот изборен модел?

Истражувањето на албански јазик можете да го прочитате тука:

Maqedonia e Veriut në hartën zgjedhore evropiane: Sa proporcional është modeli zgjedhor maqedonas?

Истражувањето на англиски јазик можете да го прочитате тука:

North Macedonia on the European Electoral Map: How Proportional is the Macedonian Electoral Model?

Видеото од настанот може да го погледнете тука:

 

 

Поврзани објави