Оваа студија го анализира степенот на пропорционалност помеѓу распределбата на гласови и распределбата на пратенички места во македонскиот изборен модел. Преку споредба со 31 друга европска држава, се утврдува дека Република Северна Македонија се одликува со (значително) натпросечна пропорционалност според три клучни елементи на изборните модели: големината на изборните единици (на делба на шестото место од 32 држави), (не)постоењето на изборен праг и неговата евентуална висина (на делба на првото место) и бројот на пратеници (на делба на шестото место). Единствен исклучок е изборната формула, каде Северна Македонија ја користи најмалку пропорционалната – но и најчеста – (Донтова) формула во Европа.
Со оглед на исклучително високата пропорционалност на актуелниот изборен модел, оваа студија проблематизира дел од аргументацијата на поборниците за изборни реформи кон (уште) повисока пропорционалност. Во согласност со постоечките сознанија во политичките науки за негативните страни на високо пропорционалните изборни модели, посочуваме дека евентуалното воведување на (уште) попропорционален изборен модел би можело сериозно да го загрози формирањето и стабилноста на извршната власт, на тој начин (дополнително) ослабнувајќи ја македонската демократија.
Целата студија може да ја прочитате тука:
Северна Македонија на европската изборна мапа: Колку е пропорционален македонскиот изборен модел?