Скоро 6% од вкупното население во државата е погодно да стане член на управен одбор на некое јавно претпријатие. Или, доколку на некоја семејна веселба имате 30 гости статистички барем еден од нив, или двајца, исполнуваат услови да се членови на управен или надзорен одбор на некое јавно или државно претпријатие.

Законите кои ја регулираат работата на јавните претпријатија предвидуваат премногу општи услови за едно лице да стане член на одборите на овие организации кои се платени од парите на граѓаните и треба да работат во нивен интерес.

Тие услови се кандидатот да е државјанин на РМ, да има високо образование, да има најмалку 3 годишно работно искуство и да не е осудуван. Тоа пак во 2017 година го исполнувале над 118 илјади граѓани. Законски, не се бара да имате никакво специфично работно искуство, образование или вештини за да одлучувате за работата на некое јавно претпријатие. Тоа значи дека можете да одлучувате за работата на водовод иако според образованието сте уметник, а работното искуство ви е како спасувач на плажа или сопственик на минимаркет.

За да се стане директор на некое јавно претпријатие условите се малку построги. Наместо 3 годишно работно искуство, се бара 5 годишно искуство. И толку. Останатите услови се исти како и за член на управен одбор, односно, потребно е да сте државјанин на РМ, да имате високо образование и да не сте осудуван. Што значи дека можете да конкурирате за директор на јавно претпријатие иако претходно сте работеле само во семејна фирма за продажба на автомобили, ако сте биле шалтерски работник во некоја институција или банка или ако сте биле агент за продажба на недвижнини.

Условите за позицијата директор на јавно претпријатие во 2017 година ги исполнувале над 96 илјади граѓани или скоро 5% од вкупната популација ако се смета според резултатите од последниот попис во 2002 година.

Исто така, ако сметате дека одредено јавно или државно претпријатие не функционира добро и дека не си ја врши работата не можете да барате смена на луѓето кои го управуваат. Зошто? Затоа што едноставно законски не постои можност за смена на членовите на управните органи поради слаби резултати во работата. Директорите не се извајани во камен и треба да постои можност да се сменат поради лоши резултати.

Зошто е сето ова важно? Затоа што сите недостатоци во работата и процедурите кај овие организации кои работат со пари на граѓаните овозможуваат тие да бидат искористени за политички клинтелизам и корупција. За дел од овие организации перцепцијата на јавноста е дека тие претставувале и се’ уште претставуваат биро за вработување на членовите на владејачките партии и извор на привилегии за партиските членови преку што се обезбедува и нивната лојалност. Воедно ваквите односи ги оневозможуваат претпријатијата и организациите екомномично и ефикасно да ја извршуваат својата работа која пак најчесто директно е поврзана со секојдневните потреби и интереси на граѓаните.

Потребно е значително да се допрецизираат условите за назначување директори, членови на управните и надзорните одбори кои би соодвествувале со надлежностите кои тие треба да ги извршуваат. Дополнително, потребно е специфицирање на условите за разрешување на директорите, членовите на управните и надзорните одбори врз основа на нивниот перформанс, односно колку ефикасно ги спроведуваат своите работни задачи. Финално, потребно е значително зголемување на транспарентноста при нивното назначување, како и повеќе информации за нивната работа.

Целосната анализа може да ја најдете на следниот линк.

 

 

Проектот „Кон добро управување во државните претпријатија и независните тела“ ќе го анализира перформансот на јавните претпријатија, претпријатијата во државна сопственост и независните државни тела во однос на адекватноста на нивното управување и управувачки процедури, и ќе изврши проценка на тоа дали постојат процедури кои раководителите на овие институции ги прават отпорни на клиентелизам и корупција.

Целта на проектот е иницирање на промени во управувачката култура на целните институции кои би придонеле кон нивен долгорочен, одржлив развој и би овозможиле основа за подобрено внатрешно известување, која воедно би го подобрила известувањето кон државните надзорни институции и јавноста.

Проектот е поддржан од страна на UK aid од Владата на Обединетото Кралство. Наведените мислења не значи дека ги одразуваат официјалните ставови и политики на Британската Влада.