Законите според кои се избираат лицата во раководните органи на јавните и државните претпријатија и регулаторните тела не бараат ниту нудат критериуми со кои ќе се гарантира избор на квалитетни лица кои ќе бидат директори или членови на управните и надзорните одбори . Законски исто така не е предвидена постапка во која може да се разреши член на раководен орган на овие институтции доколку тие покажуваат слаби регултати во работењето.

Ова се дел од наодите во анализата „Правните критериуми за назначување на раководство на јавни претпријатија, регулаторни и самостојни тела“ на авторот Југослав Ѓорѓиевски.

Документот ги опфаќа 173 јавни органи, како и 48 закони и подзаконските акти со кои се регулира работата и делувањето, назначувањето на членови на управни одбори и директори на јавните претпријатија, претпријатијата во целосна државна сопственост, независните регулаторни тела, државните органи и органите на државна управа. Широката можност која ја оставаат законите, со интерни акти (статути), да се регулираат прашања од статусен карактер се дополнителен проблем во однос на воспоставувањето на јасна и прецизна рамка за секојдневно функционирање на овие институции.

„Критериумите за образованието не соодвествуваат со функциите што треба да ги имаат кандидатите за сите три органи (директор, член на управен или надзорен одбор). Кај надзорниот одбор мислам дека е најкритична работа бидејќи тие треба да го врша надзорот врз материјално финансиското работење. Освен што има јавен оглас никаде нема загарантирана постапка според која ќе се одберат најквалификуваните кандидати за работата и сето тоа не гарантира дека ќе се обезбедат квалитетни лица за сите овие органи.“ вели Ѓорѓиевски.

Според анализата, Законот за јавни претпријатија воопшто не препознава нешто како потреба за познавање на ревизорската материја која е потребна за контролата на материјално – финансиското работење. Исто така во законите постои обврска за објавување на јавен оглас, меѓутоа не постои никаква постапка во која, најдобриот кандидат би бил избран за член на органот на управување, односно на раководниот орган. Проблематичен е и недостатокот на постапка за разрешување на вакви функционери поради слаби регзултати во работењето.

„Условите за разрешување се поврзани со престанокот на работниот однос согласно Законот за работните односи (смрт, старосна пензија, казна затвор на шест месеци, губење на деловна способност или оставка). Никаде нема услови за разрешување засновани на лош перформанс“ се вели во анализата.

Миша Поповиќ од Институтот за демократија, раководител на проектот, посочува дека на правната анализа ќе се надоврзе и истражување колку од вршителите на овие функции во државата во моментов имаат соодветни квалификации и искуство за извршување на функцијата. Сетоа тоа ќе даде и подетална слика за процедурите со кои се регулира работата на овие институции и колку тие претставуваат брана од клиентелизам и корупција.

„На крајот сакаме на институциите кои се основачи на овие претпријатија и тела односно на Владата, Собранието и општините да им понудиме алатки и модели со кои ќе може да се подобри работата на овие тела кои имаат важна улога во животот на граѓаните бидејќи се во директен допир со нив. Освновна пракса која би требало да помогне и да влијае позитивно е поголема транспарентност на изборите и назначувањата на раководните лица на овие институции односно на јавноста да и биде овозможен целосен увид во целата постапка“ вели Поповиќ.

Анализата е изработена во рамки на проектот „Кон добро управување во државните претпријатија и независните тела” – финансиран од Обединетото Кралство преку Владата на Обединетото Кралство.

Анализата е достапна на следните линкови на македонски, албански и англиски јазик:

„Правните критериуми за назначување на раководство на јавни претпријатија, регулаторни и самостојни тела“

„Kriteret ligjore për emërimin e udhëheqësve të ndërmarrjeve publike, organeve rregullatore dhe të pavarura“

„Legal criteria for the appointment of management of public enterprises, regulatory and independent bodies“