miting-izbori_2014-701x467

На Западниот Балкан, тие што бараат услуги од политичките партии имаат шест пати поголеми шанси да бидат изложени на притисок да го заменат нивниот глас за пари/услуги во споредба со тие кои не бараат таква помош. Овој факт е произлезен од анкетата на проектот ИНФОРМ.

Извештајот „Неформалниот живот на политичките партии во општествата на Западниот Балкан“ ги анализира партиските стратегии за мобилизација на електоратот базирани на клиентелистички практики, за кои можеме да увидиме дека варираат низ земјите од регионот. Наодите од извештајот се примарно базирани на податоци од анкета спроведена низ земјите на Западниот Балкан во мај и јуни 2016 година, (N=6040 од сите земји вклучени во анкетата) како и полу-структуирани интервјуа, етнографска работа на терен и архивско истражување.

Податоците од анкетата укажуваат на тоа дека еден од пет испитаници во Црна Гора (23%) и Албанија (21%) известиле дека добиле понуда за пари или услуга во замена за нивниот глас. Овие проценти во Босна и Херцеговина (БиХ) и Косово изнесуваат 15% односно 13%, 8% во Србија и 7% во Македонија.

tab1

Дополнително, податоците од анкетата посочуваат на тоа дека граѓаните се вклучуваат во воспоставување на врски со политичките партии и партиските претставници со цел решавање на лични проблеми и „завршување на работите“ (барање на услуги). На прашањето дали тие некогаш пристапиле на партиски претставник за одредена помош, највисоката пропорција на потврдни одговори е во Македонија (14%) и Црна Гора (13%), а потоа следуваат испитаниците во БиХ (10%), Косово (8%) и Србија (7%) додека најниска стапка е забележана во Албанија (5%) (график 2)

tab2

Врз основа на податоците од анкетата, во извештајот демонстрираме дека барањето на услуги, од една страна, и понудите од страна на политичките партии, од друга страна, се значително испреплетени. Во Косово, за 11 пати се поголеми шансите дека барателите на услуги ќе се вклучат во клиентелистичка трансакција, 9,4 пати во Албанија, 7 пати во БиХ и 6,3 пати во Македонија, во однос на тие што не бараат. Иако најниски во регионот, шансите дека барателите на услуги ќе се вклучат во клиентелистичка трансакција се сепак високи и во Србија (3,8 пати) и Црна Гора (3,3 пати). На регионално ниво, за 5,6 пати се поголеми шансите тие што бараат услуги да се вклучат во клиентелистички трансакции во споредба со тие што не бараат.

Овие наоди посочуваат дека клиентелизмот е широко распространет во општествата на Западниот Балкан и дека истиот изгледа има значителен ефект на изборните резултати. Политичките партии нудат пари и услуги во замена за гласови, но исто така и граѓаните се обраќаат кон политичките партии кога им е потребна помош. Граѓаните, исто така, сметаат дека вработувањето е често поврзано со користење на неформални врски, давање подароци, услуги, па дури и мито, и се скептични дека постои вработување врз основа на заслуги. Перцепциите дека клиентелистичите практики се широко распространети посочуваат дека граѓаните во општествата на Западниот Балкан ги гледаат овие практики како нормален начин за извршување на работите.

Извештајот е дел од проект во рамки на ЕУ Хоризонт 2020 „Намалување на јазот помеѓу формалните и неформалните институции на Балканот“ (ИНФОРМ). Проектот цели да ги проучи интеракциите помеѓу формалните и неформалните институции во општествата на Западниот Балкан во областа на политиката, економијата и секојдневниот живот, да го следи влијанието на овие институции во спроведувањето на правилата и регулативите на ЕУ, како и да произведе оригинално истражување и препораки за политики. Проектот е спроведуван од меѓународен конзорциум предводен од Школата за словенски и источно-европски студии (SSEES) при Универзитетскиот колеџ Лондон (UCL).

Целосниот извештај може да се најде на следниот линк: https://goo.gl/XvUsjQ

Повеќе информации за проектот Информ се достапни на следниот линк:

„ИНФОРМ: Затворање на јазот меѓу формалните и неформалните институции на Балканот“