Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје како дел од конзорциумот на универзитети и организации предводен од Универзитетскиот Колеџ Лондон спроведува меѓународен научно-истражувачки проект „ИНФОРМ: Намалување на јазот помеѓу формалните и неформалните институции на Балканот“ [во оригинал: INFORM: Closing the Gap Between Formal and Informal Institutions in the Balkans“] дел од програмата на ЕУ ХОРИЗОНТ 2020.
Главниот фокус на ова истражување е интеракцијата помеѓу формалните институции, од кои поголемиот дел беа создадени или беа изложени на промени како дел од процесот на ЕУ интеграција, и неформалните институции во процесот на институционализација на правилата и регулативите на ЕУ во општествата од Западен Балкан. Клучното истражувачко прашање е до кој степен хармонизацијата и транспозицијата на правилата и прописите на ЕУ во националните правни, политички и економски системи водат до значителни промени во пракса и процедура или, пак, до кој степен увезените правила стануваат „празни школки“ со мало влијание во општествениот живот. Осврнувајќи се на Даглас Норт, во ова истражување институциите се дефинирани како „правила на игра во едно општество, или поформално, човечки произведени ограничувања кои ја обликуваат човековата интеракција“ и „земени заедно, формалните и неформалните правила и видот и ефективноста на спроведувањето го обликуваат целиот карактер на играта“. Примарната цел е преку набљудување на интеракцијата помеѓу формалните и неформалните институции да се придонесе кон намалување на јазот помеѓу нив, што воедно може да придонесе и кон нивно подобро функционирање и кон поуспешна институционализација на правилата и регулативите на ЕУ. Врз основа на моменталното достигнато разбирање на внатрешната динамика на балканските општества, кое ја зема предвид историската и политичката средина во којашто тие постоеле со векови, ИНФОРМ ќе се концентрира на истражување на улогата и функционирањето на неформалните институции во рамките на моменталното функционирање и благосостојба на општествата, на тој начин обезбедувајќи основа за истовремено да „го поттикне разбирањето во ЕУ за регионот, неговата историја и предизвици“, како и да постави темел за „препораки како уште повеќе да се зголеми нивната ефективност за заемен добробит на Балканот и на ЕУ“. ИНФОРМ ќе се осврне на прашањето за неформалните институции, практики и организации во три главни истражувачки насоки: политичко, еконономско, секојдневно живеење и две интердисциплинарни прашања за корупција и меѓуетнички односи, дополнително вклучувајќи социо-економски и демократски развој, политики на идентитет, предизвици на градење на држави, лингвистички и културен диверзитет, етнички конфликти, како и родова еднаквост и миграција.
Проектот ИНФОРМ е финансиран преку престижната Рамковна програма за истражување и иновации на Европската унија, Хоризонт 2020. Други партнери на проектот се Центарот за емпириски културни студии на Југоисточна Европа од Србија, Универзитетот во Марибор од Словенија, Универзитетот Рига Страдинш од Словенија, Социјално истражување на Косово од Косово, Центарот за интердисциплинарни општествени применети истражувања од Босна и Херцеговина, Центарот за историски и антрополошки истражувања од Албанија и Институтот за етнологија и фолклорно истражување од Хрватска. Проектот ќе се спроведе од април 2016 до март 2019 со вкупен буџет од 2 486 331 евра.
Овој научен проект, кој е од мултидисциплинарен карактер, ќе употреби истражувачки дизајн на комбиниран метод со цел да ги опфати истражувачките теми на различни методолошки начини. Ќе се спроведат национално репрезентативни лице-в-лице анкети во Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Албанија и Косово и Црна Гора. Земајќи го предвид пристапот од доле којшто се користи во овој проект, во истражувањето ќе бидат вклучени и етнографска работа, 220 полу-структуирани интервјуа со испитаници, преку 30 интервјуа со носители на политички одлуки (6 од ЕУ и 4 од секоја од земјите од Западен Балкан) во секоја од земјите на Балканот коишто се предмет на проектот. Исто така, ќе се спроведат и бројни студии на случај и анализа на секундарни податоци на односот помеѓу формалните и неформалните институции, како и на прашања поврзани со корупција и меѓуетнички односи (во областа на политиката, економијата и секојдневното живеење) во разни земји од Западен Балкан. Пред истражувањето ќе се спроведат темелни теоретско-методолошки подготовки.
Како резултат на проектот ИНФОРМ, партнерите ќе креираат база на податоци со 6,200 испитаници, база на податоци со 250 интервјуа, 3 електронски објавени извештаи за етнографско истражување, 3 електронски објавени извештаи за студии на случај, 3 електронски објавени годишни билтени за проектните активности и резултати, 6 извештаи за консултативни работилници со претставници на националните канцеларии за европска интеграција во земјите од Западен Балкан и во Брисел, заедничка конференциска декларација од конференција со претставници на националните канцеларии за европска интеграција од земјите од Западен Балкан, претставници од хрватски и словенечки експерти за ЕУ интеграција и претставници од Генералниот Директорат за проширување, 4 научни трудови објавени во реномирани европски научни весници, 6 анализи (policy papers) поврзани со спроведувањето на правилата и директивите на ЕУ и мерки потребни за хармонизирање на формалните и неформалните институции во секоја од земјите од Западен Балкан, една студија во која ќе бидат објавени теоретските резултати од проектот, и студија во која ќе бидат претставени политичките мерки поврзани со институционализацијата на правилата и директивите на ЕУ во пост-комунистичките земји.