sobranie-site

Собранието мора повеќе да ги отвори вратите за јавноста, граѓаните и граѓанските организации е заедничката констатација од средбата на претставници на Институтот за демократија – ИДСЦС со новиот претседател на Собранието, Талат Џафери и членови на неговиот кабинет.

На средбата која се одржа минатата недела претставниците на ИДСЦС, Марко Трошановски и Јане Димески, на Џафери му ги пренесоа генералните заклучоци од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието во периодот на минатиот состав добиени во рамки на проектот „Собранието под лупа“. На претседателот и на кабинетот им беа посочени и недостатоците и загрижувачки практики во врска со усвојувањето на закони со европско знаменце забележани при набљудувањето на работата на Комисијата за европски прашања.

troshanovski-xhaferi

ИДСЦС се заложи за зголемување на транспарентноста и видливоста на работата на Собранието преку овозможување на подобар пристап на јавноста до сите материјали, вклучително и на снимки и стенограми од седниците на комисиите. На претседателот на Собранието му беа пренесени и позициите дека една од клучните реформи во парламентот треба да биде овозможување на поголемо учество на граѓанските организации во работата преку тоа што ќе им се даде можност да ги презентираат своите наоди, истражувања и експертиза околу поединечни прашања.

Џафери во таа насока посочи дека таквата соработка е потребна за двете страни и дека во следниот период во соработка со граѓанските организации ќе се работи на изнаоѓање на форма која ќе овозможи такво поголемо учество. Тој изрази подготвеност парламентот повеќе да се отвори и за истражувачки активности како и за соработка со високообразовни институции.