Институционален грант за развој на својот капацитет како граѓанска организација денеска доби Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од програмата за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас“ на Швајцарската агенција за развој и соработка. ИДСЦС со тоа влезе во групата од 20 институционални грантисти кои ја добија оваа поддршка во вториот повик од програмата. Покрај институционалните грантови, во рамки на програмата седум организации добија специфични грантови, пет мали акциски грантови и девет ад-хок акциски грантови.
Со тоа организацијата добива можност во следните две години да ги унапреди своите институционални капацитети, знаењето и вештините на членовите во повеќе области кои се важни за нејзиното функционирање како модерна граѓанска организација.
„Вообичаено сите ние како органзации сме заглавени во проектни циклуси кои се нижат еден по друг и немаме време и можност да се посветиме на сопственото надградување и унапредување. Сериозната криза во која се наоѓа државата бара силен граѓански сектор кој ќе даде нов импулс, идеја, знаење и енергија неопходни за општеството да се врати на вистиските патеки. Затоа поддршката што ни ја дава оваа програма е толку важна и уникатна. Ќе ни помогне да се посветиме самите на себеси, да се унапредиме и потоа да излеземе посилни и поподготвени за предизвиците“ рече Марко Трошановски од ИДСЦС во име на сите организации кои станаа грантисти на „Цивика мобилитас“.
Швајцарската амбасадорка, Сибил Сутер Тејада, при врачувањето на договорите на грантистите изрази задоволство од тоа што многу од организациите веќе се значајни двигатели на промена кои иницираат низа активности кои ги адресираат потребите и интересите на граѓаните.
„Граѓанското општество треба активно да биде вклучено во политичкиот идјалог и во развојот на демократските вредности и принципи“, рече таа и додаде дека во последните неколку месеци граѓанското учество расте што е показател на растечкото граѓанско општество. „Овие трендови се веројатно почетни фази, но тие изразуваат многу инспиративни пораки за иднината на државата“, рече Тејада.
Програмата „Цивика мобилитас“ го поддржува граѓанското општество во промовирање општествени промени во (стратешки) области, како што се добро владеење, децентрализација и развој на граѓанското општество.
Настани поврзани со проектот
Повик за истражување на јавното мислење
08.05.2018Институтот за демократија „Социетас цивилис“ - Скопје, Ве поканува да...
Барање за доставување на понуди за истражување на јавно мислење во рамки на институционален грант од програмата „Цивика мобилитас“
09.08.2017Барање за доставување на понуди за истражување на јавно мислење...