logo

Излезе од печат книгата „Живот за утре – Општествени трансформации во Југоисточна Европа

a-life-for-tomorrow-cover
Share on facebook
Share on twitter

a-life-for-tomorrow-cover

Во издание на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“- Скопје (ИДСЦС) излезе од печат книгата „Живот за утре: општествени трансформации во Југоисточна Европа“. Оваа книга претставува збирка од 11 текстови од 17 автори. Книгата го проучува општествениот живот во земјите во Југоисточна Европа, настанaт како резултат на спојот на формалните институции, создадени во процесот на неолибералната и европска транзиција, и неформалните институции обликувани од културните традиции и искуствата во социјалистичкиот период. Уредници на книгата се: Предраг Цветичанин, Илина Мангова и Ненад Марковиќ.

Текстовите во книгата негуваат разнолик пристап при проучувањето на транзициските процеси и се фокусираат на внимателно истражување на феномените кои го карактеризираат секојдневието во општествата на Југоисточна Европа. Авторите доаѓаат од широк спектар на различни дисциплини (политиколози, социолози, економисти, антрополози, филозофи) и применуваат разнолики методолошки пристапи и техники на истражување.

Книга е составена од четири содржински целини. Првата група на трудови „На кој му се допаѓа оваа промена? Перцепција и евалуација на социоекономските промени во општествата на Западен Балкан“ од Предраг Цветичанин, Миша Поповиќ и Јасмина Недељковиќ, „Граѓански и политички активизам во општествата на Западен Балкан“ од Илина Мангова и Миша Поповиќ и „Отаде нецелосното: Динамика на општествени промени во Косово“ од Вјолца Красниќи директно се базираат на резултатите од истражувачкиот проект „Отпор кон социоекономските промени во општествата од Западен Балкан. Тестирање на две теории за општествен развој“ и ги проучуваат ставовите на жителите на Западен Балкан за транзициските промени и промените во нивните навики во новите општествени услови.

Втората целина ги вклучува трудовите „Неспособност за промена: Догматски аспекти на политичката идеологија во македонскиот контекст“ од Ненад  Марковиќ, „Транзицијата на Балканот – Битката на Хомо Балканикус и Хомо Политикус“  од Ирена Рајчиновска – Пандева и „Г. В. Ф. Хегел за Дејтонскиот мировен договор или Државата Босна (онаа од Дејтон) помеѓу позитивното и природното право“ од Џемал Соколовиќ кои на повеќе нивоа расправаат за (не)способноста на општествата од Југоисточна Европа за промена и опасностите кои оттаму произлегуваат за нивната иднина.

Третиот дел од книгата се фокусира на положбата на жените во транзициските процеси во општествата од регионот. Трудот „Детерминанти на родови разлики во одговори за невработеноста во пост-транзициски земји: случајот на Македонија“ од Димитар Николоски и Ник Аднет ги анализира трендовите кај невработеноста на жените во земјите од регионот и стратегиите кои овие земји ги применуваат за да се справат со тоа. Другиот труд, „Ретрадиционализација или рефлексивната модерност: Социолошко објаснување на трендовите на фертилитет во созреана транзициска Хрватска“  од Инга Томиќ-Колудровиќ, Мирко Петриќ и Жељка Здравковиќ е обид за објаснување на специфичните трендови на фертилитет во Хрватска, поврзувајќи ги со мноштво на социјалистички практики кои се однесуваат на работната пракса, зголеменоста на слободата на изразување кај младите и образованите жени и постоењето на механизми за штедење во социјална држава, кои се поврзани со породилното отсуство.

За крај, четвртиот, а во голема мера и централен дел на оваа книга се бави со прашањата за неформалните практики и институции на Југоисточна Европа. Трудот на Клавс Седленикс „Амортизирана култура во Црна Гора: братство, кумство и други роднински структури“ ги следи сеприсутните неформални роднински структури во црногорското општество. Во нивниот труд „Значењето на клиентелизмот и неформалните практики за вработување кај членовите на политички партии по 2000 година во Србија“, Драган Станојевиќ и Драгана Стоканиќ ја истражуваат специфичната улога што политичките партии ја играат на пазарот на трудот во Србија, додека пак Борјан Ѓузелов во трудот „Улогата на неформалните врски во македонското општество: Социјален капитал или корупција?“, ги испитува формите на неформалните врски во македонското општество.

Повеќето од трудовите во оваа книга беа претставени на меѓународната конференција која се одржа во Скопје на 7 и 8 јули 2013 година, а беше организирана од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ и катедрата за политички науки при Правниот факултет Јустинијан Први, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Конференцијата беше дел од проектот „Отпор кон социоекономските промени во општествата од Западен Балкан. Тестирање на две теории за општествен развој“, спроведен од Центарот за емпириски културни студии на Југоисточна Европа (Србија), Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (Македонија), Центарот за општествени истражувања Косово (Косово) и Центарот за општествени истражувања „Аналитика“ (Босна и Херцеговина). Овој проект беше реализиран во 2012-2013 година, во рамките на Регионалната програма за промоција на истражувања во Западен Балкан (РППИ), предводена од Универзитетот Фрајбург во тек на мандатот на Швајцарската агенција за развој и соработка, Федерален оддел на Министерството за надворешни работи. Следствено на конференцијата, беше распишан отворен повик за останати автори кои ги проучуваат општествените, политичките, економските, правните, културните, религиозните, демографските, образовните и медиумските промени во општествата на Југоисточна Европа во транзицискиот период.

Поврзани објави