Во периодот ноември-април 2013, Институтот за демократија СОЦИЕТАС ЦИВИЛИС – Скопје (ИДСЦС) ќе го спроведува истражувачкиот проект „Локални јазични политики за немнозинските заедници – алатки за поефективна употреба”. Целта на проектот е да ги информира локалните органи за донесување на одлуки и креирање политики за можните опции при дизајнирањето на локалните јазични политики, како и да се залага за нивна поефективна имплементација во Република Македонија.
Службената употреба на јазиците на немнозинските заедници на локално ниво претставува уставно право на граѓаните на Република Македонија, уредено со член 7 од Уставот на Република Македонија. Повеќе од една третина од македонските општини се обврзани да овозможат службена употреба на барем еден од јазиците на немнозинските заедници, а некои од општините по своја иницијатива тоа го прават и за повеќе јазици. Сепак, постојат значителни индикации дека локалните јазични политики се често жртва на имплементациски дефицит поради недостиг на финансиски и човечки ресурси. Истовремено, спроведувањето на македонските јазични политики не е доволно истражувано од граѓанските организации и академската заедница.
Проектот ќе понуди сеопфатна слика за тоа кои се главните проблеми во имплементацијата на политиките и со тоа ќе ја пополни истражувачката празнина во ова поле, но и ќе ги информира националните и локалните чинители за можните опции за поефективна имплементација на уставниот член 7. Како продукт од истражувањето, ИДСЦС ќе изработи студија на јавна политика која ќе биде дистрибуирана до сите засегнати страни. Во рамки на проектот ИДСЦС ќе организира и тркалезна маса на која ќе присуствуваат претставници од националните и локалните органи, како и претставниците на граѓанските организации и меѓународната заедница во државата.
Проектот е овозможен со финансиска подршка на Словачкиот и Балкански фонд за јавни политики.
Настани поврзани со проектот
Промоција на студија за локалните јазични политики
01.05.2014Недостасуваат пари и луѓе за спроведување на службената употреба на...