Недостасуваат пари и луѓе за спроведување на службената употреба на јазиците на немнозинските заедници на локално ниво. Ова е генералната слика во 31 единица на локалната самоуправа кои користат повеќе од еден јазик во службена употреба и кои опфаќаат над 800 илјади граѓани. Жителите во овие општини не се информирани за придобивките и ограничувањата на повеќејазичните локални јазични политики. Во ниту една од овие ЕЛС нема специјализирана единица за преведување во рамки на општинската администрација.
Ова се само дел од наодите на студијата „Локални јазични политики: можности за поефективна имплементација“ која беше промовирана на 30 април 2014 во ЕУ Инфо центарот во Скопје. Институтот за демократија СОЦИЕТАС ЦИВИЛИС Скопје (ИДСЦС) го организираше настанот како дел од истражувачкиот проект „Локални јазични политики за немнозинските заедници: алатки за поефективна имплементација“ поддржан од Словачкиот и Балканскиот фонд за јавни политики (Slovak and Balkan Public Policy Fund). На промоцијата беше претставена студијата на авторот Јован Близнаковски, сработена врз основа на истражувањето кое ИДСЦС го спроведе во периодот ноември 2013-април 2014. Целта на истражувањето е да ги информира носителите на одлуки и креаторите на политики во единиците на локалната самоуправа и националните институции за проблемите, предизвиците и успешните практики поврзани со спроведувањето на политиките на повеќејазичност на локално ниво. Врз основа на истражувачките наоди студијата изведува препораки за поефективна имплементација на правото на користење на мајчиниот јазик на немнозинските заедници во службена употреба. Ова право е уредено со членот 7 од Уставот на Република Македонија.
На промоцијата говореа авторот на студијата Јован Близнаковски, г-дин Атула Касуми, државен советник во Секретаријатот за спроведување на Охрдискиот рамковен договор (ССРД) и доц. д-р Ненад Марковиќ од Правниот факултет „Јустинијан први“. Дискусијата беше модерирана од Владимир Мисев, претседател на ИДСЦС. Јован Близнаковски ги претстави главните истражувачки наоди и препораки кои се дел од студијата, а Ненад Марковиќ даде осврт кон студијата како нејзин рецензент. Атула Касуми ги престави активностите на ССРД во сферата на употреба на јазиците на немнозинските заедници на локално ниво.
Целосниот текст на студијата може да биде превземен на македонски и албански јазик.