fbpx
logo

Институтот за демократија во 2025

26 години борба за одговорни политики во време на неизвесност

 

Годините во кои демократските процеси напредуваат без притисок се ретки. Почесто, напредокот се случува во услови на неизвесност, ограничени ресурси и променливи приоритети, и токму во такви периоди станува јасно што значи континуитет и доследност во име на јавниот интерес.

Изминатиот период беше обележан со значајни политички и институционални предизвици, но и со суштински промени во екосистемот на граѓанското општество. Промените во донаторските приоритети, намалената достапност на финансиска поддршка и зголемената неизвесност во работењето влијаеја врз организациите што работат во различни области – од демократија и европска интеграција, јавното креирање политики и добро владеење, до социјални, образовни и развојни иницијативи.

Во ваков контекст, Институтот за демократија продолжи да ја извршува својата мисија со јасен фокус на создавање одржливи механизми кои ќе ги преживеат моменталните политички, институционални и општествени осцилации. Оваа година ИДСЦС беше препознаен и на глобално ниво. Нашата работа е потврдена и препознаена со вклучување на листата 100 Think Tanks to Watch 2025, што ја организира платформата On Think Tanks. Ова признание, засновано на номинации од други истражувачки организации и експерти, ја истакнува нашата организација како институција чија работа има значајно влијание и вреди да се следи во меѓународната заедница на анализи и политики.

Во годината која беше една од најпредизвикувачките за граѓанскиот сектор и прославивме 26 години постоење, работата на Институтот се темелеше на акумулирано искуство, аналитичка експертиза и градење механизми што обезбедуваат континуитет, а не краткорочни ефекти. Нашата мисија продолжи да се остварува преку искуство, знаење и изградени партнерства, но и на свесноста дека довербата се одржува само преку резултати. Останавме посветени на истражувачки пристап, стратешка соработка со различни чинители и отворена комуникација со јавноста.

Во тој дух, трите програмски центри – Центарот за добро управување, Центарот за европски интеграции и Центарот за парламентарна поддршка и демократизација, работеа на унапредување на јавните политики, зајакнување на демократските процеси и градење механизми за отчетност и транспарентност. 

Резултатите прикажани подолу не се само збир на активности, туку одраз на пристап кој го става јавниот интерес во центарот на креирањето и спроведувањето на јавните политики и демократските процеси.


Одговорност во процесот на европска интеграција

 

По двегодишно систематско следење на заложбите и обврските што произлегуваат од Берлинскиот процес, Центарот за европски интеграции го иницираше формирањето на Меѓупартиска парламентарна група за следење на имплементацијата на Берлинскиот процес и Реформската агенда. Иницијативата беше започната на настанот „Прогресот на Северна Македонија во Берлинскиот процес“, одржан во септември 2024 година, а формализирана во март 2025 година.
Со ова достигнување, Центарот воспостави основа за институционализиран парламентарен механизам што обезбедува континуитет, политички дијалог и зголемена транспарентност во спроведувањето на реформите поврзани со европската интеграција.

 

 

Во насока на зајакнување на институционалните капацитети за европска интеграција, Институтот за демократија и Министерството за европски прашања (МЕП) потпишаа Меморандум за соработка, со кој започнува ново поглавје на стратешко партнерство. Соработката е насочена кон унапредување на капацитетите на Министерството во процесот на евроинтеграцијата на нашата држава, преку поддршка во креирањето јавни политики и законодавство, обезбедување експертска помош, како и преку комуникација и едукација на јавноста за придобивките од реформите поврзани со членството во Европската Унија.

 

 

Како директен резултат на експертска работилница за креирање на предлог-закон за контрола на странски директи инвестиции, организирана со поддршка и експертиза на Центарот за европски интеграции, соодветниот законски текст е веќе изработен и се наоѓа во предлог-фаза. Се очекува негово поднесување на владина седница, што претставува значаен исчекор во следење на европски регулативи и обезбедување на безбедни инвестиции во државата.

Конечно, Центарот за европски интеграции го објави и јубилејното, десетгодишно издание на анализата на јавното мислење за пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија. Ова истражување претставува едно од ретките лонгитудинални истражувања во земјата и регионот што континуирано ја мери перцепцијата на граѓаните за европската интеграција, довербата во процесот и поддршката за членство во ЕУ, обезбедувајќи непроценлива основа за креирање политики засновани на податоци и реални општествени трендови. 

 

Борба против корупцијата со системски пристап

 

И покрај предизвиците што ги донесе нестабилното и намалено финансирање на граѓанските организации во 2025 година, Центарот за добро управување продолжи посветено да работи на унапредување на знаењето за антикорупција кај идните генерации политичари и на поттикнување на граѓанскиот ангажман за подобрување на демократскиот живот.

Во текот на годината, преку платформата „Реагирај“, речиси 2.000 граѓани испратија претставки до надлежните институции, поврзани со еколошки и јавни прашања, вклучително и заложбите и повиците на граѓанските активисти и организации кои работеа на заштита на реката Дошница. Оваа активност ја потврди улогата на платформата како значаен механизам за директно учество на граѓаните во процесите на отчетност.

 

 

Преку проектот „Поттикнување дебата за отчетност и антикорупција“, поддржан од Националната фондација за демократија, Центарот работеше на промоција на антикорупцијата и интегритетот во контекст на локалната самоуправа, во пресрет на локалните избори во 2025 година. Беше изработен преглед на клучните антикорупциски заложби на граѓанското општество, кои беа презентирани пред кандидатите за изборите со цел унапредување на предизборната антикорупциска понуда. Дополнително, беа обучени 34 членови на подмладоци на политичките партии, дел од кои и кандидати на изборите, на тема борба против корупцијата на локално ниво.

Во октомври, Центарот придонесе кон регионална размена на искуства преку организација на настан на кој учествуваа високи претставници на јавните обвинителства за гонење на организиран криминал и корупција од земјите од Западен Балкан, Хрватска и Словенија. Настанот, реализиран во соработка со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а со поддршка на Француската амбасада во Скопје, овозможи размена на добри практики меѓу обвинителствата од регионот, Eurojust и претставници на француските институции.

 

 

Во рамки на Платформата на граѓански организации за борба против корупција, тимот придонесе за подобрување на структурата на новата Национална стратегија за борба против корупција. Организациите на Платформата работеа да ѝ помогнат на Државната комисија за спречување на корупцијата да се фокусира на новата стратегија на приоритетни области и учествуваа во колаборативниот процес на дефинирање на задачите, целите и активностите на новата стратегија.

 

 

Но 2025 не може да замине без да се рефлектира на трагедијата во Кочани. Уште еден потсетник дека корупцијата не е само незаконско богатење или толеранција на заобиколување на правилата. Напротив, богатењето значи нечие осиромашување, а толеранцијата на прекршителите ја храни недопирливоста и негрижата за останатите. Загубата од корупцијата е најчесто прескапоцена и честопати платена со човечки животи. 

Трагедијата во Кочани ја засили определбата на Центарот за добро управување да продолжи со работа насочена кон јакнење на институциите задолжени за заштита на јавниот интерес и безбедноста во секојдневието.

 

Унапредување на јавните политики и институционалните капацитети 

 

Во изминатиот период, Центарот за парламентарна поддршка и демократизација обезбеди истражувачки засновани препораки и кратки брифови за застапување, наменети за Собранието, насочени кон унапредување на неговата надзорна улога, квалитетот на парламентарната дебата, институционалната отвореност и вклучувањето на граѓаните во неговата работа. Овие производи беа изработени врз основа на извештаи за квалитетот на дебатата, теренска анкета за перцепцијата на граѓаните за работата на Собранието, фокус групи реализирани во Гостивар, Скопје и Штип, кратки анализи од перспектива на имплементирање на правата на маргинализираните лица. 

 

 

Центарот активно се залагаше за унапредување на отвореноста и транспарентноста на Собранието, но и на институциите на извршната власт, преку вклучување во процесите за Отворено собрание и Партнерството за отворена власт. Во овој контекст, беа подготвени прогрес извештаи и обезбедена поддршка во спроведувањето на Акцискиот план за отворена власт, како придонес кон унапредување на транспарентноста, пристапноста и отчетноста на јавните институции, во рамки на дијалогот за Националниот акциски план 2024–2026.

 

 

Придонесовме и кон зајакнување на капацитетите на пратениците, собраниската служба, државните институции и политичките партии. Преку имплементација на Швајцарската стипендиска програма беа поддржани службеници од Собранието и Државниот завод за ревизија, а редовните презентации на истражувачките наоди пред пратениците придонесоа кон поинформирано одлучување и практична примена на препораките. Дополнително, беа реализирани тренинзи за антикорупциска проверка на легислативата, обезбедена поддршка за спроведување самооценки за интегритет во политичките партии и зајакнати капацитетите на институциите за користење алатки за транспарентност и отчетност.

 

Посветеност кон јавниот интерес и демократските вредности

 

Во текот на 2025 година, мобилизиравме 59 граѓански организации од земји што се стремат кон членство на ЕУ како и од земји-членки за да побараме идната Стратегија на ЕУ за граѓанското општество јасно да го препознае граѓанското општество од земјите-кандидатки како рамноправен партнер во европското пристапување и демократската трансформација, да обезбеди негова заштита од репресивни практики, одржлив и достапен пристап до финансии и суштинско учество во јавните политики. Во таа насока, новата Стратегија го препознава граѓанскиот простор во потенцијалните членки како заеднички и континуиран простор и воведува посилни механизми за консултација и рано предупредување.

 

 

Постигнатото во овој период ја отсликува посветеноста кон јавниот интерес како водилка на нашата работа. Новата година не ја гледаме само како нов почеток, туку како продолжување на обврската што ја имаме кон јавниот интерес. Со искуството зад нас и предизвиците пред нас, 2026 година ја дочекуваме со уверување дека континуитетот, знаењето и упорноста остануваат најсилните алатки за јакнење на демократијата.

Среќна Нова година!

 

 

Поврзани објави