Институтот за демократија и Министерството за европски прашања потпишаа Меморандум за соработка
Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС) и Министерството за европски прашања (МЕП) започнуваат ново поглавје на соработка, насочено кон забрзување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
Во основата на ова партнерство е заедничката цел: унапредување на капацитетите на институциите во процесот на европска интеграција на нашата држава.
Соработката ќе опфати низа активности, од поддршка при креирање на политики и закони и овозможување експертиза, до комуникација на јавноста и едукација за придобивките од реформите:
- Поддршка при воспоставување на скрининг механизам за проверка на странските директни инвестиции (СДИ) – преку експертски анализи, правни решенија, консултации со засегнати страни и поддршка на работната група за подготовка на нацрт-законот за проверка на странските директни инвестиции, како и поддршка во подготовката на преговарачката позиција за поглавје 30 – Надворешни односи, во процесот на пристапните преговори со ЕУ, во делот кој се однесува на проверка на СДИ, како и соодветна имплементација на Законот и неговите подзаконски акти.
- Поддршка на реформите од Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024–2027 – зголемување на информираноста и учеството на граѓаните, бизнисите и другите засегнати страни во реформските процеси и промоција на придобивките од реформите за јасно претставување на европските интегративни процеси пред граѓаните и засегнатите страни.
„Со потпишувањето на овој Меморандум, Институтот за демократија повторно ја истакнува својата заложба за унапредување на јавните политики, транспарентност и соработка меѓу институциите и граѓанското општество. Сметаме дека суштинските и отворени партнерства меѓу институциите и тинк-тенк заедницата се неопходни за да се обезбеди ефективна, отчетна и инклузивна европска интеграција“, изјави Трошановски.
И министерот Муртезани ја потенцираше важноста од соработката со експертската заедница.
„Европската интеграција е процес кој бара силни институции, транспарентни процедури и партнерства засновани на знаење и експертиза. Со оваа соработка го зајакнуваме мостот помеѓу креаторите на политики и експертската заедница, со цел побрза и поквалитетна интеграција во Европската Унија“, истакна министерот Муртезани.
Соработката ќе се темели на заедничка работна програма што ќе ги дефинира конкретните активности и приоритети. За Институтот за демократија, ова партнерство е уште една можност да придонесе кон изградба на силни, отчетни и ефикасни институции што работат во интерес на граѓаните.


