Изминатава година беше динамична и полна со предизвици, но истовремено и инспиративна за целиот тим на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“. Преку нашите активности, се фокусиравме на најважните прашања – развојот на демократијата, доброто управување, борбата против корупцијата, поддршката на нашата земја кон ЕУ-интеграциите и поттикнувањето на регионална соработка.
Со посветената работа на нашите колеги од трите главни центри кои се столбовите врз кои се гради нашата мисија и визија и се движечката сила зад нашите напори за подобро општество, во 2024 година успеавме да донесеме видливи резултати и да инспирираме промени.
Преку Центарот за европски интеграции продолживме да ја следиме и поддржуваме интеграцијата на земјата во Европската Унија и да поттикнуваме регионална соработка. Центарот за парламентарна поддршка и демократизација работеше на зајакнување на транспарентноста и отчетноста на парламентот и другите демократски институции, додека Центарот за добро управување со многу акции, истражувања, обуки и јакнење на капацитетите и можностите се фокусираше на борбата против корупцијата и создавање ефективни институции.
Успесите на Центарот за европски интеграции
Центарот за европски интеграции минатава година имаше голема улога во мониторирањето и нашиот напредок во Берлинскиот процес.
Еден од нашите значајни успеси на ова поле е што настанот „Парламентарна димензија на Берлинскиот процес“, организиран на 9 октомври во Бундестаг беше препознаен во заклучоците од Самитот на Берлинскиот процес. На настанот присуствуваа пратеници од Западен Балкан и Бундестагот, претставници на парламентарната служба, како и претставници од тинк-тенк организации кои зборуваа за важноста на учеството на парламентите во Берлинскиот процес, специфично во следење на заедничкиот регионален пазар и зелената агенда. Горди сме што настанот беше поздравен како клучен форум за зајакнување на парламентарната соработка во заклучоците на Самитот на Берлинскиот процес.
ИДСЦС исто така ја водеше и координираше групата за „Интеграција во ЕУ и Берлинскиот процес“ при Форумот за граѓанско општество и тинк тенк. Од работата на оваа група произлегоа низа на препораки за политики кои беа презентирани на главниот Форум кој се одржа од 9 до 11 октомври 2024 година во Берлин.
Како дел од нашите заложби во проектот „Механизам за скрининг на инвестиции – зачувување на безбедноста и јавниот ред во Западен Балкан“, формирана е работна група на Владата за воспоставување на модел за национален механизам за проверка на странските директни инвестиции, со што се обезбедува континуитет на досега сработеното. Институтот за демократија, заедно со своите партнери, ќе продолжи да ја дава својата поддршка и во оваа насока.
Центарот за добро управување ги активира граѓаните да кренат глас против корупцијата
Во Центарот за добро управување, 2024 година беше посветена на јакнење на капацитетите и можностите. Ја промовиравме апликацијата „Реагирај“, работевме со подмладоците на политичките партии и ја подобривме меѓуинституционалната координација во борбата против корупцијата.
Со платформата „Реагирај“, развиена во рамки на проектот „Граѓаните против корупцијата“, сакаме да помогнеме во еден клучен детаљ од ланецот помеѓу граѓанското незадоволство и активизмот против корупцијата. „Реагирај“ им овозможува на корисниците, својата разочараност, несогласување, но и лутина да ја искажат конструктивно преку конкретни акции во кои се бара одговорност и подобрување на состојбите. Во изминатите четири месеци, речиси 6.000 корисници реагираа на акции поврзани со нефункционалниот јавен превоз, загадувањето, начинот на трошење на јавните пари во образованието, неефикасниот систем за справување и превенција од пожари, нетранспарентноста на јавните институции.
Во изборната 2024 година, работевме со подмладоците на политичките партии за зајакнување на нивното знаење за негативните ефекти на корупцијата и антикорупциските алатки. Преку проектот „Поттикнување дебата за отчетност и антикорупција,“ поддржан од Националната фондација за демократија, 30 претставници стекнаа нови знаења и вештини за креирање политики во четири модули. Паралелно, подготвивме збирка антикорупциски препораки кои граѓанските организации ги дале во изминативе пет години, која им помогна на политичките партии да ја подобрат својата антикорупциска понуда во изборните програми.
Центарот и во оваа година продолжи со јакнење на меѓуинституционалната соработка. Фокусот беше на Собранието, па го продолживме дијалогот со Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците за идните приоритети на антикорупциското делување на пратениците. Оваа година, Партнерството против корупција на УСАИД успешно ја подобри координацијата помеѓу Државната комисија за спречување корупција и Јавното обвинителство, а механизмот за координација се прошири со Државниот завод за ревизија , Бирото за јавни набавки и Инспекцискиот совет. Ова е значаен чекор кон подобрување на ефикасноста во гонење на корупција и трошење на ограничените ресурси со кои располагаат овие институции.
Центарот за парламентарна поддршка и демократизација ги зајакнува капацитетите на институциите
Нашиот Центар за парламентарна поддршка и демократизација, во изминатава година имаше значајна улога во областите во кои делува. Ги зајакнавме институционалните капацитети на Собранието и на Државниот завод за ревизија преку овозможување на повеќе од 80 стипендии за академски студии, обуки и курсеви за вработени во овие институции. Стипендистите, преку Швајцарската стипендиски програма тековно ги подобруваат капацитетите на нивните матични институции со помош на стекнатите знаења и вештини.
Центарот даде голем придонес и кон поголема транспарентност и отчетност на Собранието. Го поддржавме креирањето, имплементацијата и мониторингот на Акцискиот план на Собранието за заложбите на отворена власт кој обезбедува поголема вклученост на граѓаните во работата на оваа институција. Тој бележи високо ниво на исполнување.
И оваа година ги поддржавме пратениците кон поефикасно и поефективно исполнување на нивниот мандат со помош на редовниот мониторинг на квалитетот на дебатата во Собранието и следење на перцепциите на граѓаните за работата на оваа институција. Пратениците добиваа информации во однос на нивната работа, како и препораки наменски тренинзи и обуки за надминување на предизвиците со кои се соочуваат. Исто така Центарот, поттикна демократски реформи во внатрепартиските структури кај политичките партии. Ова го правиме преку поддршката на процесите за зголемување на интегритетот на политичките партии преку истражување на ставовите на граѓаните како и на ставовите на членството и раководството на политичките партии. Добиените резултати се споделени до партиите и врз основа на наодите ќе биде креирана програма за унапредување на состојбата.
Во 2024 година, со посветеноста на нашите тимови, продолживме да градиме основи за подобро општество. Преку нашата работа, инспирираме промени и се стремиме кон постигнување на долгорочни резултати кои ќе ги зајакнат демократските процеси и институциите во нашата земја.





