Денес, 21 јануари 2015, Фондацијата Конрад Аденауер и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје ја промовираа студијата „Јавното мислење и македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија 2004-2014“ од авторот Иван Дамјановски.
На промоциjата свое поздравно обраќање имаа Сандра Кољачкова од Фондацијата Конрад Аденауер; Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Роберт Лидел, раководител на одделот за политички прашања, правда и внатрешни работи, информации и комуникации при Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Беше најавено и присуство на заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, г-дин Фатмир Бесими, кој од оправдани причини не присуствуваше на настанот.
Во своето обраќање Лидел се фокусираше на реформските процеси кои се одвиваат во Република Македонија и нејзиниот напредок кон станување полноправна членка на Европската Унија гледан низ призмата на извештаите на Европската комисија за напредокот на земјата.
При презентацијата на студијата, Иван Дамјановски најпрво започна со образложение на методологијата која е користена во истражувањата на јавното мислење, кои претставуваат појдовна точка од која се извлекувани заклучоците и интерпретациите во самата студија. Во понатамошното излагање како клучни поенти Дамјановски ги издвои:
– Постои корелација помеѓу динамиката на поддршката за членство во ЕУ и развојот на македонскиот процес на пристапување кон ЕУ која се манифестира низ два индикативни временски периоди: 2004-2009 како период на конзистентна и исклучително висока поддршка; и 2010-2014 како период кој бележи инкрементален пад на поддршката на процесот на европска интеграција
– Високата поддршка на членството во ЕУ првенствено се должи на калкулација и верба во очекуваните идни материјални бенефити од процесот на европска интеграција
– Сугестивното делување на политичките елити се потврдува како фактор на високата поддршка на процесот на европска интеграција
– Идентитетските фактори имаат круцијална улога во објаснувањето на постепениот пад на поддршката на членството во ЕУ во последните пет години
– Спорот со името се повеќе ја нарушува интеретничката кохезија околу перспективите за членство на Македонија во ЕУ, дотолку што во последните неколку години се јавува зголемен јаз и значителни дискрепанци во поддршката на членството во ЕУ помеѓу етничките Македонци и етничките Албанци во Македонија
– Спорот за името суштински не се манифестира како индикатор на евроскептична енергија. Доколку овој спор се отстрани како фактор на влијание, тогаш поддршката за членство на Македонија во ЕУ бележи значителен раст, без значителни разлики во етничката демографија
– Во Македонија митот за привлечната моќ на ЕУ не ја губи својата потентност. Членството во ЕУ останува приоритетен интерес за македонската јавност.
Интегралниот текст од студијата можете да го превземете на:
![]()
На крајот од презентацијата имаше отворена сесија за прашања и дискусија во која се дискутираа прашања во врска со самата студија но и со моменталната општествено-политичка состојба во државата.
{module EU2014}