Осумдесет проценти од граѓаните во нашата држава одбиле дури и да разгледаат можност за паричен надомест во замена за потпишување петиција спротивна на нивните политички убедувања. 78 проценти, пак одбиле да разгледаат финансиска компензација во замена за воздржување од гласање.
Ова се дел од клучните наоди презентирани на јавниот настан „Емоции и политика: Презентација на истражувачки наоди од проектот ENCODE”, организиран од Институтот за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје (ИДСЦС), во рамки на проектот ENCODE, финансиран од програмата Horizon Europe.
На настанот учество земаа истражувачи од повеќе европски академски и истражувачки центри – Универзитетот во Вроцлав, Универзитетот во Виена, PredictBy од Шпанија и ASM Research Solutions Strategy од Полска, кои презентираа наоди од двегодишно истражување за емоционалните димензии на политичкиот живот во Европа, вклучително и во Северна Македонија.
Презентациите и дискусијата се фокусираа на теми како демократска отпорност, политичка поларизација, емоционална политичка комуникација и иновативни методи за проучување на политичкото однесување.
Теоретска рамка: проблемот не е премногу емоции, туку премалку разновидност
Настанот започна со вовед во теоретските основи на проектот преку концептот „афективен плурализам“. Павел Новаковски од Универзитетот во Вроцлав истакна дека проблемот на современата политика не е тоа што станала „премногу емотивна“, туку што јавниот дискурс често е доминиран од тесен спектар на емоции, како што се гневот и стравот.
Предложената теорија на афективна плурализација го воведува концептот „политички емодиверзитет“ — побогат емоционален јавен простор во кој различни емоции коегзистираат и придонесуваат кон поздрав демократски дијалог и поголема отпорност на поларизацијата.
Онлајн политичката комуникација: омразата е константа, не исклучок
Значителен дел од настанот беше посветен на наодите за Северна Македонија од обемната анализа на содржини од социјални медиуми спроведена во шест европски држави. Родриго Ортега Изкиердо од PredictBy од Шпанија ги презентираше резултатите од анализата на повеќе од 2,17 милиони објави и коментари на платформата X (поранешен Twitter), анализирајќи ја комуникацијата на политичари, медиуми и граѓани преку голем јазичен модел (LLM) развиен за потребите на проектот. Од Северна Македонија беа анализирани 120 000 постови и коментари на платформата Х.

Наодите покажаа дека онлајн политичката комуникација во Северна Македонија станува значително поемотивна за време на изборни периоди, особено преку зголемување на емоциите како ентузијазам, среќа и гнев. Истовремено, резултатите покажаа дека непријателски настроената комуникација е постојано присутна во онлајн просторот во Македонија: 98% од коментарите насочени кон политичарите содржеле елементи на омраза, додека 82% содржеле индикатори на гнев. Истражувањето дополнително покажа дека содржините објавени од политичарите имаат значително поголем досег и ангажман од медиумските објави и коментарите, при што идентитетот на авторот, а не само емоционалниот тон – е клучен фактор за ширење на пораките во македонскиот политички X-простор.
Истражувачите посочија и дека различни емоции создаваат различни ефекти врз ангажманот на публиката. Кај политичарите, содржините што предизвикуваат страв или анксиозност генерираат најголем ангажман, додека содржините засновани на омраза имаат послаб ефект. Во медиумските објави, пак, содржините со елементи на омраза најлесно се шират онлајн. Истовремено, позитивните емоции и конструктивните пораки се покажуваат како најсигурен двигател на ангажман, што укажува дека вредносно заснованите и конструктивни наративи можат успешно да се натпреваруваат со политиката на револт и конфликт.
За македонски контекст е карактеристично тоа што изборните периоди не коинцидираат со повисок степен на „искажана“ омраза на социјалните медиуми. Истражувачите посочија и на важен структурен предизвик: македонскиот јазик не е соодветно препознаен во системите за јазично означување на платформата X, поради што значителен дел од политичкиот дискурс кај нас, останува помалку видлив и за истражувачите и за алатките за модерација на платформата.
Демократска отпорност: рамнодушноста е поголем ризик од емоционалноста
Следната презентација беше посветена на демократската отпорност и односот на граѓаните кон нивните политички права. Ананд Муругесан од Универзитетот во Виена презентираше резултати од бихејвиорален експеримент спроведен во повеќе европски земји, во кој учесниците беа прашани дали би прифатиле пари за да потпишат петиција спротивна на нивните вистински политички ставови.

Резултатите покажаа дека 80% од испитаниците во Северна Македонија одбиле дури и да ја разгледаат таквата понуда – еден од највисоките проценти во истражувањето. Слични резултати биле добиени и во однос на правото на глас, каде 78% од испитаниците одбиле да разгледаат можност за паричен надомест во замена за воздржување од гласање.
Истражувачите нагласија дека емоционалната дистанцираност може да претставува поголем демократски ризик отколку самата емоционална интензивност. Граѓаните кои изразиле емоции како гнев, анксиозност или надеж биле значително помалку подготвени да ги „монетизираат“ своите политички права, додека политички рамнодушните испитаници биле поотворени за таква можност.
Она што го чувствуваме и она што го кажуваме – не е исто
Учесниците имаа можност да се запознаат и со еден од најиновативните методолошки пристапи во рамки на проектот. Лукаш Вилчински од ASM Research Solutions Strategy презентираше истражување кое комбинира face-tracking, eye-tracking и длабински интервјуа за да се испита како граѓаните емоционално реагираат на политички содржини и како тие реакции се разликуваат од подоцнежните вербални објаснувања. Наодите покажаа дека видливите емоционални реакции и само-пријавените емоции ретко целосно се совпаѓаат, што укажува дека луѓето веројатно често ги рационализираат или преобликуваат своите непосредни реакции кога почнуваат вербално да ги објаснуваат.

Во завршната дискусија, учесниците се осврнаа и на пошироките импликации од наодите на проектот ENCODE за демократските процеси во Европа и Северна Македонија. Беше истакнато дека современите предизвици поврзани со поларизацијата и дезинформациите не можат да се разберат само како проблем на „лажни информации“, туку и како прашање на емоционална динамика, недоверба и начинот на кој дигиталните платформи ги засилуваат поларизирачките наративи. Во таа насока, истражувачите потенцираа дека идните политики и демократски практики треба да обрнат поголемо внимание на емоционалните потреби на граѓаните, развојот на конструктивна јавна комуникација и создавањето простор за покомплексен и поинклузивен демократски дијалог. Посебен акцент беше ставен на потребата од зајакнување на демократската отпорност преку градење доверба, медиумска писменост и развивање на наративи што поттикнуваат дијалог наместо дополнителна поларизација.
Во рамки на проектот ENCODE, следниот период ќе бидат организирани и „Citizen Innovation Labs“, ко-креативни работилници во кои граѓаните заеднички ќе развиваат нови емоционални наративи за иднината на демократијата и политичката комуникација. Овие активности ќе бидат надополнети со foresight пристапи и сценарија за идниот развој на политичките и демократските процеси, со цел да се идентификуваат поконструктивни и поинклузивни модели на јавна комуникација и демократско учество.
















