fbpx
logo

Антикорупција 2030: Каде треба да е фокусот на Собранието?

Форсајт анализите претставуваат алатка за навремено идентификување потенцијални ризици и идни трендови во одредена сфера од општеството. Во контекст на борбата против корупцијата, Форсајт анализата за идни и сегашни корупциски предизвици предвидува во кој правец ќе се движат корупцијата и борбата против корупцијата во Северна Македонија, во случајов до 2030 година. Нејзината цел е да развие дебата за проблемите со кои институциите во блиска иднина ќе се соочат, подвлекувајќи ја важноста за рано запознавање со ризиците и потребата од навремено стратешко планирање на борбата на ова поле.

Во 2024 година важно е анализата да ја разгледаме во контекст на сегашните услови и на што новиот парламентарен состав треба да се фокусира со цел да се оствари поволна клима за борбата против корупција:

  • Квалитетно законодавство и засилен надзор во ризичните сектори: Постојат области како енергетскиот сектор кои во последно време стануваат сѐ попопуларни и каде што циркулираат сѐ повеќе пари, особено во областа на обновливите извори на енергија и ископувањето минерални суровини. Во овие области од особено важност е пратениците да се внимателни и да носат одлуки кои се детално анализирани и простудирани;
  • Градење институционален отпор: Отпорот на институциите кон политичкиот притисок е важен дел во борбата против корупцијата. Паралелно со носењето добри закони, Собранието треба да се стреми што повеќе да го поддржува стремежот на антикорупциските институции за градење институционален отпор, но и да им овозможи поволни услови за ефикасност во исполнувањето на нивните надлежности во борбата против корупцијата;
  • Привлекување и задржување квалитетен кадар во јавниот сектор: Квалитетните човечки ресурси во антикорупциските институции се главниот двигател на борбата против корупцијата. Затоа, важно е Собранието да биде отворено за поголема алокација на финансиски ресурси кон институциите кои се најпогодени од недостигот на квалитетен кадар. Таквите институции, пак, треба да подготват долгорочен план со кој ќе привлечат, подготват и задржат кадар кој ќе одолее на притисокот од попривлечни вработувања во приватниот сектор или во странство;
  • Заштита на актерите вклучени во борбата против корупцијата: Зад коруптивните зделки често стојат организирани криминални групи кои претставуваат сериозен ризик за безбедноста на антикорупциските актери. Како борбата против корупцијата напредува, така овие ризици ќе се зголемуваат. Важно е Собранието да ја препознае потребата од вложување во правната и техничката заштита на сите актери под постојана опасност, гарантирајќи ја нивната безбедност и благосостојба;

Централната одговорност за потребните реформи, покрај Владата, ја носи Собранието од кое се очекува преку квалитетен надзор да биде постојан коректив на работата на институциите, поставувајќи им јасни цели и очекувања за успеси во борбата против корупцијата.

 

Во текот на 2022 година Институтот за демократија „Социетас цивилис“ организираше серија работилници со ДКСК, ДЗР, УЈП, Царинската управа, Финансиската полиција, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Инспекцискиот совет, претставници од ИРИ и граѓанските организации од Платформата за борба против корупција од кои произлезе т.н. Форсајт анализа за идните предизвици на полето на антикорупцијата.

 

„Антикорупција 2030: Каде треба да е фокусот на Собранието?“

Поврзани објави