fbpx
logo

ИДСЦС организираше настан за системските пропусти во случајот „Бехтел Енка“

Институт за демократија денеска во хотелот Панорамика во Скопје го одржа настанот „Интегритет на носење одлуки: системски пропусти во случајот ‘Бехтел Енка’“ на кој се дискутираше за пропустите во постапката за избор на компанија за надзор врз изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10д како и пропустите при склучување на договорот помеѓу владата и конзорциумот „Бехтел Енка“ за изградба на автопатиштата.

На настанот се презентираа наодите од анализата на Институтот за демократија која се фокусира на системските пропусти поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д.

Настанот го отвори Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институт за демократија кој истакна дека случајот со „Бехтел и Енка“ ни кажува дека самите институции, кои што треба да го чуваат својот процедурален пат на носење на одлуки од почетокот до крај, не успеале да контролираат односно да спречат закони за чие носење има процедурални пропусти да не се разгледуваат, или да се вратат или биде активирано вето.

„Очекувано е дека намалувањето на ризикот кај корумпираните актери е токму во експлоатацијата на процедуралните слабости и креирање на специјални закони или измена на закони кои што даваат определена привилегија и со тоа се избегнува потенцијална кривична одговорност во иднина. Тоа ни укажува на потребата од поголем притисок за употреба на заштитните механизми кои што се добро напишани, но имаме проблем во нивна имплементација. Истовремено веројатно во иднина ќе треба да се провери на кој начин судската власт може да биде вклучена во заштита на креирањето на одлуките“, вели Поповиќ.

Своја рефлексија на случајот дадоа и Фросина Димеска, новинарка во Призма и Александар Димитриевски, новинар во 360 Степени чии редакции го следеа и известуваа длабински за овој случај.

Димеска потенцираше дека истражувањата на Призма покажуваат дека државните институции направиле неколку пропусти.

„Истражувањето наше покажа дека надлежните односно државните институции не прават никакви длабински и посериозни проверки на оние кои што конкурираат на тендерите дури и кога даваат големи пари од државниот буџет, но и се задолжуваат со кредити. Исто така покажува и дека надлежните имаат ненаучена лекција од претходното искуство со досегашните проекти, како оној со градењето на автопатот Кичево-Охрид, за кој што се земаа кинески кредити. И тоа е автопат кој што беше договорен со специјален закон, а е автопат за кој што многу пати до сега беше пробиен рокот за изградба, беше неколкукратно зголемена почетна сума, а отворен е и судски случај“, додаде Димеска.

Една од мисиите на новинарство е да биде куче чувар на јавниот интерес и тоа не мислам само на политичките одлуки туку и за трошењето на јавните средства, смета Димитриевски.

„Нашиот главен порив беше да се држи една тензија и да внимаваме на секој чекор како ќе се трошат државните пари. Во целиот случај имаме прескокнување низа законски и подзаконски решенија за да се форсира да се гради овој проект“, додаде Димитриевски.

 

Видео од дискусијата може да погледнете тука.

Анализата на македонски јазик може да ја прочитате тука:

Интегритет при носење одлуки: Системски пропусти во случајот „Бехтел Енка“

Анализата на албански јазик може да ја прочитате тука:

Integriteti në vendimmarrje: Lëshime sistemore në rastin “Behtell Enka”

Анализата на англиски јазик може да ја прочитате тука:

The integrity of decision-making: Systemic omissions in the ‘‘Bechtel Enka’’ case

Настанот е организиран како дел од проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“ кој цели кон поддржување на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото, а за остварувањето на оваа цел проектот предвидува соработка и консултација со сите релевантни чинители. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија.

Поврзани објави