Поврзувањето на државите од регионот преку соработка е еден од приоритетните патишта кон заеднички напредок и приближување до Европската Унија. Берлинскиот процес е еден од клучните патокази на тој пат. Минатиот ноември, Владата на Република Северна Македонија заедно со Владите на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, и Косово во рамките на самитот на Берлински процес потпишаа три договори за меѓусебно признавање на лични карти, универзитетски дипломи и професионални квалификации.
Речиси пет месеци по нивното потпишување, договорите се ратификувани само во две земји. Албанија прва ги ратификуваше сите три договори, а во Тирана ќе се одржи и следниот самит на Берлинскиот процес. Сите договори ги ратификуваше и Косово, а со нивната имплементација ќе се укине визниот режим помеѓу граѓаните на Косово и БиХ, единствен помеѓу две земји од Западен Балкан. Во БиХ ратификацијата е во застој поради политичките предизвици и комплицираната процедура за ратификација. Владата на Србија ја одобри ратификацијата на договорите и подготви предлог-закони, кои се уште се во собраниска процедура. Во Црна Гора, Владата ги усвои договорите, но се уште не се влезени во собраниска процедура.
Институтот за демократија го поздравува усвојувањето на трите договори на 135-та седница на Владата на С. Македонија на 14 март 2023 година. Како депозитар на трите меѓународни договори потпишани во рамки на Берлинскиот процес, ја повикуваме Владата што побрзо да ги поднесе во Собранието, а Собранието да изнајде сили што поскоро да ги стави на дневен ред за ратификација, со консензус. Посветеноста за подобрување на животот на граѓаните треба да се покаже на дело, особено во процеси кои зависат од проактивноста и ажурноста на државните институции.
Дополнително, договорите кои се дел од Берлинскиот процес привлекоа доста внимание и поддршка во јавноста. Најновата анкета на Институт за демократија покажа дека огромно мнозинство (80%) од граѓаните ја гледаат можноста за подолг период на работа во која било земја од Западен Балкан како атрактивна можност. Понатаму, отворањето на границите меѓу земјите на Западен Балкан го сметаат за корисно 85% од испитаниците, додека можноста за користење на сопственото образование во сите земји на Западен Балкан позитивно ја гледаат 84% од граѓаните.
Со оглед на високата поддршка, пратениците треба поактивно да се вклучат во промовирање на придобивките од Берлинскиот процес, но и да спроведуваат континуиран надзор врз степенот на имплементација на заложбите од процесот. Засега, не постојат воспоставени механизми за надзор за разгледување на дејствијата што ги презема владата и нема регионална поврзаност или платформи за споделување знаење околу истиот.
Со недоволната вклученост во овој клучен механизам за регионална соработка и развој, пратениците не одговараат на потребите на своите граѓани, иако голем број од граѓаните ги поддржуваат решенијата кои доаѓаат од овој процес. Овие договори се од особено значење во однос на реформската агенда на патот кон ЕУ – пат која ги вклучува иницијативите на Берлинскиот процес како кохезивни процеси.