Пратеничките прашања се важен инструмент на Собранието за вршење контрола и надзор над работата на Владата. Во текот на 2021 година во македонското Собрание беа одржани 7 седници за пратенички прашања на кои беа поставени 104 прашања од 36 различни пратеници во вкупно 41 јавување за збор.
Гледано од родовиот аспект, жените пратенички учествуваа со 35% од вкупниот број јавувања за поставување пратеничко прашање, односно соодносот за поставување прашања беше два спрема еден во корист на пратениците мажи.
Четири од пет пратенички прашања беа поставени од старана на пратениците од опозицијата. Од три пратеника, двајца поставиле максимум број прашања од говорницата, по три. Секое второ поставено прашање беше упатено до тогашниот премиер Зоран Заев.
Трите теми за кои беа поставени најмногу пратенички прашања се однесуваа на феноменот корупција, пандемијата на КОВИД-19, владеење на правото и правосудниот систем.
75% од дискусијата беше без или со слаба аргументираност. Поголемо ниво на аргументираност имаа пратениците во своите прашања отколку владините претставници во своите одговори. Сепак, нивото на аргументираност на прашањата на пратениците дополнително се намалува, поради ниското ниво на аргументираност на дополнителното прашање. Имено, и покрај тоа што пратениците значително користат аргументи во нивните прашања, кога станува збор за произнесувањето по одговор, односно дополнителното прашања, овде се забележува пониско ниво на аргументираност што генерално ја намалува аргументираноста на целосното произнесување на пратениците. Пратениците од опозицијата имаа повисоко ниво на аргументираност од пратениците во парламентарното мнозинство.
Секој втор говор беше без упатен аргумент кон соговорникот, додека во еден од десетте говори беше евидентирано соодветно адресирање на аргументите. Дискусијата главно се одвиваше без референца кон претходниот говорник (66%).
Анализата на англиски јазик може да ја прочитате тука: