Институтот за демократија во соработка со Германскиот совет за надворешни односи (ДГАП) на 15 декември организираше онлајн настан насловен „Германското претседателство со Советот на ЕУ: рефлексии од внатре и надвор“, во рамки на кој учесниците се осврнаа на очекувањата, успесите и недостатоците на германското претседателство со Советот на ЕУ.

Настанот го отворија претседателот на Институтот за демократија Марко Трошановски и германската амбасадорка во Северна Македонија, Н.Е. Анке Холштајн.

Во поздравните зборови, Трошановски истакна дека за овој дел од Европа, вклучувањето на земјите од Западен Балкан на Конференцијата за иднината на Европа (Conference on the Future of Europe), преиспитувањето на консензусот како начин на донесување одлуки во однос на проширувањето како и зајакнувањето на парламентарната и партиципативната демократија се од суштинско значење.

„Уметноста на ЕУ за компромис честопати е за восхит, но принципот на консензус е повеќе пречка отколку предност и дефинитивно ги поткопува легитимитетот и трансформативниот капацитет на ЕУ. Блокирањето на преговарачка рамка по одлуката на Советот за отпочнување на процесот, и неодамнешните изјави од официјална Софија кои го негираат македонскиот идентитет, ги разочараа македонските граѓани. Подготвени сме за пристапен процес заснован на споделени вредности и стандарди на ЕУ, но не таков што ќе претставува инструмент за промена на нашиот идентитет. Но, не станува збор само за нас. „Не“ за процесот на пристапување во ЕУ ќе има сериозни безбедносни последици за регионот и управувањето со надворешните граници на ЕУ “, рече Трошановски.

Според Холштајн, германското претседателство не ја постигна целта за проширување, цел која според амбасадорката, Германија ја споделувала и ќе продолжи да ја споделува целосно со Северна Македонија.

„Во процесот на проширување, одлуките бараат едногласност, а овој пат не успеавме да ја постигнеме оваа едногласност. Одлуката од март, зеленото светло за отворање на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија е обврзувачка и ги обврзува сите 27 земји-членки, а истовремено е прашање на кредибилитет ЕУ да се држи до оваа одлука и да ја спроведе во најбрзо време. Прашањето не е „дали“, туку „кога“ тоа ќе се случи. За процесот на проширување е многу опасно да се вклучуваат историски прашања, бидејќи тоа поставува опасен преседан за регионот. Билатералните спорови треба да се решаваат билатерално, а не во рамките на процесот на проширување “, нагласи Холштајн.

Клучно обраќање на настанот имаше Никола Димитров, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, кој истакна дека иако Северна Македонија веќе има искуство со вето, сепак треба да одржува возрасна, зрела политика и да не се запаѓа во замката на очајот.

„Ако процесот на пристапување е оптоварен со вето што не е во согласност со европските вредности, мислам дека треба да сториме се што можеме за да бидеме во реформска форма. Треба да бидеме упорни и да продолжиме да бараме решение со Бугарија што ќе биде достоинствено и европско. Влоговите се високи, и тоа не само за нас “, рече Димитров.

На вториот панел свои излагања имаа претставници на европската тинк-тенк заедница.

Родерик Паркс, раководител на Центарот Алфред фон Опенхајм при Германскиот совет за надворешни односи (ДГАП) се осврна на генералните очекувањата и на достигнувањата на германското претседателство. Паркс истакна дека не сите стратешки прашања можат да ги реши Германија, а понекогаш е потребен поглед на пошироката слика.

Душан Рељиќ, раководител на канцеларијата во Брисел во Германски институт за меѓународни односи и безбедност (SWP) зборуваше за влијанието на германското претседателство врз Западен Балкан. Тој истакна дека природата на консензусот на ЕУ го забави процесот на пристапување на Западен Балкан и додаде дека ЕУ можеби треба да размисли за мнозинско гласање во иднина.

Валеска Еш, заменичка извршна директорка на Аспен Институтот се фокусираше на германската стратешка соработка со Западен Балкан билатерално и преку ЕУ како и на трансатлантскиот ангажман ЕУ-САД во регионот. Таа рече дека бугарското вето на преговарачката рамка му штети на процесот на проширување на ЕУ.

Зборувајќи за внатрешната динамика и последиците, Зоран Нечев, раководител на Центарот за европски интеграции при Институтот за демократија, истакна дека времето е од суштинско значење. Според него ако не се движи процесот побрзо, ЕУ ќе интегрира регион без луѓе. Според него, Северна Македонија спровела повеќе од доволно и ЕУ треба да најде начин да ја реши блокадата и да ја спроведе сопствената одлука од март.

Извршната директорка на Албанскиот Институт за меѓународни студии (АИИС), Алба Цела се осврна на статус-кво состојбата во врска со албанското членство во ЕУ, судската реформа и целокупната политичка клима во Албанија.

Видеото од конференцијата и дебатата можете да ги погледнете на следниот линк: