Во годината што претстои ќе биде исклучително важно Собранието да изгради партнерски однос со најизложените институции во борбата против корупцијата од извршната власт, како Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, Инспекцискиот совет и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Ваквиот партнерски однос не значи намален надзор, туку, напротив, подразбира создавање предуслови за потемелно, наместо само формално известување.

За градење на таквата доверба, потребна е промена во меѓусебниот пристап од двете страни. Најпрво, Собранието, како законодавен дом, кое ги основа повеќето од овие институции и пред кое тие се одговорни, важно е да покаже дека верува во важноста на нивната работа и да црпи начини како да им помогне. Еден од клучните начини за тоа е активна ангажираност на пратениците при распределбата на средства за овие институции со цел креирање услови за подобрена ефикасност во нивната работа. Бидејќи различни институции се соочуваат со различни типови проблеми, зголемената комуникација и соработката ќе овозможат и попрецизно препознавање на потребите за нивно соодветно адресирање. Пратениците е важно да покажат дека ја разбираат нивната улога во борбата против корупцијата како постојана и проактивна. Тие треба да покажат дека имаат сопствена визија, како претставници на народот, како да ги поддржат националните напори за борбата против корупцијата.

Бидејќи довербата е двонасочна улица, важно е антикорупциските институции да го разберат известувањето кон Собранието како клучна компонента од нивната работа со која тие поставуваат пример за отчетност и транспарентност во однос на останатите институции. Тоа значи зголемена респонзивност за јавни и надзорни расправи, споделување поширок опсег на документација, како и проактивна соработка во текот на целата година за редовно информирање за текот и предизвиците во нивната работа.

Поддршката на овие институции преку застапување внатре во Собранието за зголемување на распределените средства во буџетот е значаен чекор, но и сигнал дека пратениците умеат да ги користат своите надлежности. Секако, поддршката и проактивниот пристап, се отсликува и преку активна заедничка координација при предлог-закони и законски измени и стратешки документи.

Тековното донесување на буџетот за 2021 година е одлична можност за отпочнување на еден таков процес. Преку застапување за зголемени буџетски алокации кон овие институции пратениците ќе покажат дека веруваат во работата и потенцијалот на антикорупциските институции, но и дека, исто така, очекуваат подобрени перформанси. Ваквиот сигнал кон антикорупциските институции ќе послужи и како дополнителен мотив во нивната работа, со крајна цел, видлив напредок во борбата против корупцијата во годината што претстои.

Мемото за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:

Më shumë se mbikëqyrje? Si të arrihet bashkëpunimi më i madh i Kuvendit dhe i institucioneve për anti-korrupsion

Мемото за јавна политика на англиски јазик може да го прочитате тука:

More than oversight? How to increase cooperation between Parliament and anti-corruption institutions

Проектот„Разговор за борбата против корупцијата во Собранието“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активност и со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борба против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).