logo

ИДСЦС ја организираше конференцијата „Премостување на јазот помеѓу формалните процеси и неформалните практики кои ја обликуваат судската култура на Западен Балкан“

Share on facebook
Share on twitter

Институтот за демократија ја организираше конференцијата “Премостување на јазот помеѓу формалните процеси и неформалните практики кои ја обликуваат судската култура на Западен Балкан” со која најави почеток на истоимениот двегодишен проект. Целта на конференцијата беше да поттикне конструктивна дискусија за моменталната судска култура во земјите од Западен Балкан, со посебен фокус на Северна Македонија, Албанија и Србија.

Претседателот на Институт за демократија, Марко Трошановски во неговото воведно обраќање потенцираше дека е исклучително важно да се адресира јазот помеѓу формалните процеси, хоризонталното реструктурирање на судската култура, и неформалниот контекст во кој се спроведува судската култура.

„Токму затоа ние како конзорциум одлучивме да го создадеме и започнеме овој проект. Веруваме дека мора да постои истражувачко гледиште, застапувачко гледиште на тоа што стои во јазот помеѓу формалните процеси и неформалните практики кои нашето судство и судска култура го наследиле”, рече Трошановски.

Бојан Маричиќ, македонскиот Министер за правда, истакна дека Северна Македонија ги има потребните закони и легислатива која што во голема мера е прилагодена кон стандардите на Европската Унија.

„Покрај постоењето на добрите закони во судството, неопходно е да се подобри нивното имплементирање. Имаме механизми кои може да осигурат судска независност и одговорност. Останува на институциите да ги искористат овие механизми во пракса на секојдневна основа. Доколку законите се темелот на судството, судската пракса е неговата суштина”, истакна Маричиќ.

Н.Е. Дирк Јан Коп, Амбасадор на Кралството Холандија во Република Северна Македонија нагласи дека Холандија преку различни програми ги подржува земјите да промовираат и ја одржат демократијата, човековите права и владеењето на правото.

„Овие вредности, доколку се почитуваат во општеството, носат стабилност, безбедност и просперитет. Довербата во институциите и еднаквоста пред законот во системот во кој владее законот е основниот елемент на демократските општества. Навистина, Северна Македонија е пример за земја кој успешно ја следеше реформската патека во секторот правда во изминатите три години. Сега овие напори треба да се прошират со посветена и ефективна имплементација “, додаде Јан Коп.

Говорници на настанот беа професорката Наташа Габер-Дамјановска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ од Северна Македонија, Ненад Вуиќ, Директор на правосудната академија од Србија и Арбен Ракипи, Директор на Школата на магистрати од Албанија.

Денис Прешова, вонреден истражувач на ИДСЦС и доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Танасије Маринковиќ, редовен професор на Правниот факултет во Белград и соработник на Центарот за судски истражувања ЦЕПРИС и Фјоралба Цака, предавач на правото на ЕУ на Правниот факултет на Универзитетот во Тирана и виш истражувач на албанскиот институт за правно и територијално истражување (АЛТРИ) се обратија за време на  стручниот панел.

Дискусијата беше модерирана од Зоран Нечев, постар истражувач и координатор на Центарот европски интеграции, Институт за демократија.

Оваа конференција се одржа во рамките на проектот „Премостување на јазот помеѓу формалните процеси и неформалните практики што ја обликуваат судската култура на Западен Балкан“, координиран од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје во соработка со Центарот за судски истражувања ЦЕПРИС, Албанска иницијатива за правно и територијално истражување (АЛТРИ) и Асир институт (Центар за меѓународно и европско право) од Холандија. Проектот е поддржан од Холандскиот фонд за регионално партнерство – МАТРА.

Конференцијата и дебатата можете да ги погледнете на следниот линк:

https://youtu.be/agmsQ3zUZrY

Поврзани објави