На 6-ти октомври оваа година, Европската комисија (ЕК) го претстави извештајот за Северна Македонија, 2020. Генералната оцена е дека земјава позитивно се издвојува од останатите земји од Западен Балкан. ЕК забележува најголем напредок во исполнувањето на реформите посочени од Советот во заклучоците од  јуни 2018. Овогодинешниот извештај е објавен заедно со новиот Економски и  инвестициски план, најавен на Загрепскиот Самит, придружен со Зелениот договор за земјите од Западен Балкан.

Според нас, особено важен е временскиот и политичкиот контекст на целиот пакет документи, вклучително и Комуникацијата за политиката за Проширување 2020. Ова е првиот извештај по усвојувањето на новата Методологија за зајакнати преговори на Европската Унија во март оваа година, за која, Франција има особен политички интерес да покаже дека ќе има резултати. Исто така, ова е извештај кој земјава го добива во период на исчекување (и проблематизирање од страна на Бугарија) на Преговарачката рамка чии иницијален нацрт текст Европската комисија во јули го достави до Советот на ЕУ, односно до земјите членки на натамошно усогласување и конечно усвојување. Германија како земја-претседавач со Унијата, потврдувајќи го геополитичкиот интерес на ЕУ за проширување кон Западниот Балкан, јавно искажа интерес да биде домаќин на првата Меѓувладина конференција. Доколку се усвои Преговарачката рамка во ноември, се отвара патот таа да се одржи според планираното, во декември. Веднаш по тоа,  преговорите по одделните кластери (области) ќе започнат со спроведувањето на билатералниот скрининг по кластери според новата Методологија – што е долготраен и макотрпен процес кој веројатно ќе трае повеќе од една години, а земјата ќе добива многу подетални, фокусирани и потемелни извештаи.

Со оглед на оваа констелација, од круцијална важност е да се дефинира и заземе стратешка јасно дефинирана позиција за самиот процес на пристапување и неговите составни елементи. Оттука, во овој коментар, Институтот за демократија (ИДСЦС), Центарот за европски стратегии (ЕВРОТИНК) и Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест ги повикуваат властите да преземат стратешки осмислени, подолгорочни и меѓусебно синхронизирани активности според поделбата по кластери (области) во пристапните преговори:

Извештајот бележи позитивен исчекор на Собранието, особено во делот на конструктивен политички дијалог и исполнување на законодавната функција. Со донесувањето на амандманите на Законот за Собрание, Собранието ја зајакна независноста на својата служба, а со усогласувањето околу клучните амандмани на Деловникот, кој очекуваме да се усвои многу набрзо, се чекори напред кон зајакнување на улогата на Собранието во системот на спреги и контроли. Сепак, извештајот ја потенцира важноста за дополнителен иден ангажман околу зајакнување на надзорната улога, потреба за попредвидлив законодавен процес, а забелешка е дадена и во делот на прекумерната употреба на скратената постапка за донесување на закони. Од Собранието се очекува натамошно подобрување во извршувањето на своите функции, преку имплементација на препораките од Комисијата и договореното во рамките на „Жан Моне“ дијалогот.

Што треба да се направи: Преземање на улогата на клучна институција за политички дијалог, за сметка на лидерските средби, како и зајакнување на надзорната функција над извршната власт, треба да бидат главен фокус на Собранието. Дополнително, потребна е поголемата отвореност и вклучување на јавноста во својата работа, како и подобрување на квалитетот на работата на постојаните комисии и стручната дебата на пратениците.

Покрај улогата на Собранието, клучен и долгогодишен партнер на Европската Унија и државата во интегративните процеси е и граѓанското општество. ИДСЦС, ЕВРОТИНК и Еко-Свест се залагаат за активно и адекватно вклучување на граѓанското општество во пристапните преговори, преку нивно соодветно учество во владините работни групи за утврдување на нацрт преговарачките позиции, како и во работата на собраниските комисии и тела кои вршат надзор врз работата на Владата во делот на евроинтеграциите. За реализација на оваа цел, потребна е ревизија на постојната преговарачка структура, со нејзино поедноставување, а со цел за поефикасно и поефективно преговарање, согласно новата Методологија за преговори. Дополнително, потребно е воспоставување соодветен фонд кој ќе овозможи целисходно, суштинско, и одржливо учество на граѓанското општество во преговорите.

Во рамките на поглавјето 23 правосудството е една од централните области која е исклучително значајна за напредување во процесот на Европски интеграции. Комисијата нотира дека во оваа област е остварено одредено ниво на напредок односно умерена подготвеност да го применува правото на Европската Унија и Европските стандарди. Ваквата оцена се базира, пред се, на реформите на правната рамка која го регулира правосудството, при што, се истакнуваат новите закони и законските измени и дополнувања кои се однесуваат на Судскиот совет, Советот на јавни обвинители, судството, јавното обвинителство, менаџирањето со судските предмети. Воедно, се забележува напредок во работењето и функционирањето на соодветните институции во рамките на правосудството, особено на Судскиот совет кој почнува да покажува проактивна улога во спроведувањето на новата законска рамка и во остварувањето на неговата улога на гарант на независноста на судството.

Што треба да се направи: Со цел остварување на одржлив прогрес во правосудството потребно е доследно спроведување и операционализирање на правната рамка, особено во однос на изменувањето и разрешувањето на судиите и обвинителите,  и понатамошно зајакнување на институционалните капацитети преку адекватна алокација на финансиски и човечки ресурси во судството и јавното обвинителство. Во оваа насока, јасната посветеност кон гарантирање и зајакнување на независноста на судството мора да биде следена со целосно имплементирање на постоечките процедури и правила за утврдување на одговорност на судиите и јавните обвинители. Потребата од еволутивен пристап кон реформите треба да вклучува и постепена промена на судската култура во насока на градење на вистинска традиција на судска независност со јасна дефинирана улога на судиите во правниот и политичкиот систем. Овие процеси мора да бидат карактеризирани со високо ниво на јавност и транспарентност со цел подигнување на ниското ниво на доверба и авторитет во судството. 

Борбата против корупцијата останува клучен предизвик за земјата. Комисијата констатира дека корупцијата останува широко распространета и претставува пречка за натамошен развој на државата, односно демократијата и економијата. Извештајот нотира подобрувања кај Државната комисија за спречување на корупцијата за иницијативност и напори за адресирање на корупција кај високо рангирани функционери од различни страни на политичкиот спектар. Опиплив успех во борбата против корупцијата нема да има без независно правосудство, бидејќи случаите со корупција не можат да се детектираат, документираат и да се процесираат за да доживеат своја завршница.

Што треба да се направи: Затоа веруваме дека е важно итно зајакнување на капацитетите на целокупниот систем за борба против корупција, инвестирање во ДКСК, Јавното обвинителство и истражните центри, судството, како и активна улога на Собранието, но и силна политичка посветеност кај сите чинители. Во наредниот период потребно е институциите да работат фокусирано на најранливите области и на случаи кои покрај вклученост на функционери, предизвикуваат и најголеми штети и предизвикуваат несигурност во правдата и институциите.

Европската комисија оценува дека Северна Македонија има остварено добар напредок во однос на поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност. Ова пред сè се должи на институционалните реформи, како што е трансформацијата на Управата за безбедност и контраразузнавање во независна Агенција за национална безбедност, како и воспоставувањето на Оперативно техничката Агенција. За да имаат ефект овие промени, неопходно е да се продолжи со натамошна професионализација на Агенцијата за национална безбедност, како и нејзино целосно физичко одвојување од Министерството за внатрешни работи.

Што треба да се направи: Потребно е и реформирање на Агенцијата за разузнавање и единицата за воена (разузнавање) безбедност, преку транспарентен и партиципативен процес. Загрижувачки е недостигот на парламентарен надзор над безбедносно-разузнавачките служби. Мора да се отстранат сериозните пречки кои не овозможија да профункционира Советот за граѓански надзор. Овие предизвици би можело да се адресираат преку носење на Закон за парламентарен надзор кој ќе предвиди соодветни надлежности, алатки и ресурси за надзорните тела.

Борбата против организираниот криминал зазема централно место во Поглавјето 24 и е од посебен интерес за одредени држави-членки на ЕУ кои се традиционално поскептични кон проширувањето. Иако легислативата во областа на борбата против организираниот криминал во голема мера го следи европското acquis, во иднина ќе се очекува од државата да покаже конкретни и мерливи резултати.

Што треба да се направи: Главните предизвици во претстојниот период се однесуваат на реалната операционализација на конфискацијата на противправно стекнатиот имот, но и борбата против финансискиот криминал и перењето пари. Државата како прашање на приоритет мора да се осигура силни аргументи дека криминалот „не се исплати”, односно да си ги поврати нелегално стекнатите средства од криминалците.

Северна Македонија продолжува со напорите за ефикасно управување со миграцијата и правната рамка во голема мерка е во согласност со стандардите на ЕУ. На стратешко ниво, потребно е донесување на нова Резолуција за миграциската политика, во која ќе биде вградено влијанието на новите меѓународни инструменти и новата домашна регулатива (стратегии, закони), како и конечно усвојување на стратегијата за интеграција на бегалци и странци која беше подготвена уште пред три години. Заштитата на границите од нелегална миграција останува клучен приоритет во оваа област.

Што треба да се направи: Потребно е подобрување на  статистиката на евидентирање на мигрантите, како и мерките кои се преземаат кон нив. Државата треба да обрне повеќе внимание на идентификација и поддршка на децата без придружба и другите ранливи категории на мигранти. Постапката за азил ќе треба дополнително да се усогласува со европските стандарди, а следен чекор е да се финализира и отпочне со имплементација на патоказ за поддршка на воспоставување системи за азил и прием во согласност со стандардите на ЕУ за периодот 2020-2022 година. Договорот за соработка со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) е важно да се потпише во најкус можен рок.

Зелен договор (Green deal) – Извештајот јасно ја наведува потребата за попосветена и синхронизирана акција од страна на надлежните институции во заштитата на животната средина, нешто за што македонските граѓани се подолго време свесни. Проблемите со аерозагадувањето, уништувањето на водните текови и природата и нерегулираното постапување со отпадот се само неколку од горливите проблеми во ова поглавје, кое и покрај неговата голема важност, континуирано не го добива потребното внимание и финансиска поткрепа. Од страна на Европската Унија се промовираат амбициозни планови за „климатски неутрална Европа“ и зелена трансформација на континентот, што не го одминува и нашиот регион. Новата нацрт регулатива за претпристапна помош (ИПА III), која е се уште во фаза на преговори во Европскиот парламент, јасно го става приоритетот на климатска акција и целокупна трансформација и декарбонизација на сите сектори во државите. Градењето на отпорни и одржливи економии, паралелно со заштитата на животната средина и човековото здравје се главните елементи на зелениот договор и зелената агенда за Западен Балкан. Оттука, Северна Македонија, предводејќи го регионот со својата нова Енергетска стратегија и нејзиното зелено сценарио, има можност да стане пример за државите од регионот- доколку се посвети на интегрирање на климатска акција во сите пори на општеството, и секако доколку обезбеди соодветно фондови за финансирање на забрзаната трансформација на нашата индустрија.

Што треба да се направи: Фокусот на среден и долг рок треба да се стави на праведната транзиција на регионите зависни од јаглен, декарбонизација (елиминирање на фосилните горива и примена на нови одржливи обновливи извори на енергија) во сите сектори, дигитализација на системот и градење на економија во склад со природата, базирана на екосистемски услуги. Во таа смисла, инвестициите во циркуларната економија, алтернативната енергија и одржливиот рурален развој и земјоделието, се неопходни за постигнување на овие цели.