Целта на овој документ е да ги сумира позициите на дел од граѓанските организации во однос на контурите на преговарачката структура на Македонија со ЕУ кои засега ѝ се познати на јавноста давајќи препораки за подобрување на процесот.

Главните поенти на документот се дека:

1. Потребни се подобро информирање и поголема транспарентност на Владата за статусот на финализација на преговарачката структура, вклучувајќи ги и критериумите и процедурите за избор на лица кои ќе бидат вклучени во истата.

2. Потребна е афирмација и зајакнување на улогата на Собранието како клучна институција за надзор и контрола на процесот на преговори. Владата нема монопол над процесот на преговори. Опозицијата мора да биде информирана и вклучена.

3. Треба да се работи на надоврзување и искористување на веќе изградени институционални и административни капацитети со цел изградба на ефикасен модел кој може да биде отпорен на политичка нестабилност (промени на власта) и на партиски влијанија.

4. Повикуваме на развивање на добро осмислен, одржлив и инклузивен модел за вклучување на граѓанските организации во партнерство меѓу Владата, Собранието и граѓанските организации. Иако Владата е клучен актер во преговорите, никој нема монопол врз процесот во кој сите чинители полагаат надежи.

– Предлагањето на модел за вклучување на граѓанските организации без соодветна подготовка и широка консултација со засегнатите страни го сметаме за избрзано и неодржливо.

– Владата сé уште нема споделено официјален документ во кој детално се објаснува структурата на преговорите.

– До овој момент јавноста ги нема видено имињата и презимињата на лицата кои ќе бидат ангажирани во преговарачките групи.

– Во јавно достапните информации на Владата како и во предложениот концепт, не е спомената улогата на Собранието во пристапните преговори.

– Потребно е преговарачките позиции да имаат широка поддршка и одржливост независно од политичко-партиските констелации. Тоа најдобро се обезбедува доколку Собранието стои зад нив.

Целосниот документ со сите позиции на граѓанските организации е достапен на следниот линк:

МОДЕЛ НА ПРЕГОВОРИ ПО МЕРКА НА ЦЕЛОТО ОПШТЕСТВО

Со почит,

Институт за демократија „Социетас цивилис“ и Евротинк