Во оваа студија се разгледуваат трговските односи и економската соработка помеѓу Народна Република Кина и Република Северна Македонија. Документот вклучува и оценка за тоа како кинеските инвестиции во земјата влијаат врз нејзиното управување. Корозивниот капитал испреплетен во ваквите инвестиции „ја поткопува довербата во институциите, го ослабува владеењето на правото, промовира нетранспарентност и има за цел да наметне моќ на монопол врз огромни сегменти од економијата“. Оваа студија конкретно ги истражува сомнителните услови за заем од Кинеската банка за извоз и увоз за видливо проблематичните проекти за изградба на делниците Кичево-Охрид (57 км) и Миладиновци-Штип (47 км).
Оригиналните договори за двата автопати предвидуваа заем во вредност од 783,4 милиони американски долари. Тој износ беше 90% од оригинално проценетата вредност на градежните проекти.
Вкупната вредност на градежните работи предвидена со договорите за двата автопати изнесуваше 870.422.844,32 долари. До моментов (септември 2020), вкупното доцнење изнесува 1912 дена (пет години и два месеци), а проценетата нова вредност на автопатите се пресметува на 1.081.811.412,94 долари. Ако се додадат очекуваните исплати на камата во следните 15 години во износ од 155,6 милиони долари, вкупната цена ќе достигне 1,2 милијарди долари.
Во договорите со Синохидро имаше целосен недостиг од транспарентни, конкурентни постапки за јавни набавки. Овие договори беа направени преку директни и необелоденети преговори помеѓу кинеската и македонската влада. Таинствените договори предизвикаа ноторен скандал за корупција.
Договорите за заем со Кина се скроени за излегување во пресрет на интересите на Пекинг, вклучително со Синохидро во Северна Македонија. Тие често вклучуваат одредби кои се против правото на ЕУ. Овие вклучуваат доделување договори без конкуренција (директно доделување) и/или донесување закони кои спречуваат фер конкуренција. Со други зборови, Кина ги блокира правилата за да се осигура дека нејзините пари се трошат паметно и во нејзиниот најдобар интерес. Од страната на примателот, директните зделки не осигуруваат најдобра вредност за инвестираните пари.
Корозивниот капитал кој доаѓа од Кина, во форма на неконкурентни услови за заем поставени од кинески банки во државна сопственост, претставува закана за демократски воспоставените институции и пазарната економија. Ова исто така покренува сериозни прашања за отпорноста на властите во Северна Македонија кон корупцијата и нивната волја да го игнорираат владеењето на правото и да извршуваат проекти од овој вид на нетранспарентен и неинклузивен начин.
Оваа студија дава неколку препораки за други државни и недржавни играчи. Во продолжение се наведени клучните:
Владата треба да биде посветена на евроатлантските интеграции и членство преку:
- Подобрување на функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација и борбата против корупцијата, вклучително преку затворање на јазовите во управувањето идентификувани со оваа анализа, поконкретно преку транспарентни и конкурентни јавни набавки
- Усогласеност со економските критериуми за пристапување кон ЕУ
- Избегнување на финансиски аранжмани од надворешни доверители со кои се ограничуваат постапките за конкурентни набавки.
Собранието треба да врши подлабински надзор преку:
- Одржување јавни и надзорни расправи за да се добијат потребните информации, вклучително и мислења на независни експерти, пред ратификување на меѓународни договори со кои се создаваат политички, финансиски и други ограничувања за земјата.
Граѓанските организации, независните медиуми и организациите за поддршка на бизнис секторот, како што се стопанските комори, треба да бараат:
- Целосна транспарентност во преговорите и спроведувањето на овој вид проекти почнувајќи од студии за изводливост и профитабилност на проектната идеја
- Транспарентност која води кон конкурентност преку инклузивно носење одлуки.
Целата публикација може да ја прочитате на следниот линк: