logo

Корозивниот капитал е закана за кревките демократии од Западен Балкан

Институтот за демократија организираше онлајн конференција „Заканата од корозивен капитал за демократиите од Западен Балкан“ на која истражувачи од Северна Македонија, Црна Гора и Србија ги презентираа своите откритија во врска со протокот на корозивен капитал во овие три земји.

Претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски во поздравните забелешки истакна дека кога зборуваме за „корозивен капитал“ зборуваме за лесни, и на прв поглед, евтини пари што всушност во реалноста доаѓаат со цена која треба да се плати – уништување на конкурентноста, на процесот на јавни набавки, градење недоверба во институциите како и корупција и клиентелизам и не ретко спорен квалитет на услуги или производи.

„Потребни ни се сеопфатни проверки на сопственост пред да дозволиме капитал во привилегирани позиции во економијата. Анализа на ризик и проверки на сопственоста мора да бидат составен дел од процесот. Владата мора да се фокусира само на потенцијалните инвеститори кои имаат докажани антикорупциски политики. Инвеститорите мора да докажат стандарди на добро управување пред да влезат во одредени индустриски сектори и да добијат привилегирана позиција преку добивање на државна помош или концесии. Мора да постои регионална посветеност за ова. Ние како Институт, како организатори на Тинк Тенк Форумот во рамки на Берлинскиот процес и како известувачи на министерскиот состанок, се обврзавме и ќе се залагаме за земјите учеснички во процесот да се посветат на ова високо ниво на добро управување, транспарентност со цел да се зголеми отпорноста на земјите кон корозивниот капитал “, рече Трошановски.

Според Мартина Хрволова, програмски офицер за Европа и Евроазија во Центарот за меѓународно приватно претпријатие (CIPE), во неслободни општества во кои граѓаните и независните институции не се во можност да го повикаат највисокото раководство на одговорност, корозивниот капитал ќе продолжи да постои.

„Секој одговор на овој предизвик треба да се фокусира на откривање на корозивен капитал, но исто така и на изнаоѓање решенија како да се решат проблемите. Предизвиците се многу сложени, па затоа сложен мора да биде и нашиот одговор на нив. Владите, граѓанските организации и деловните субјекти имаат важна улога бидејќи кога тие работат заедно просперираат и демократиите и економиите“, рече Хрволова.

Миша Поповиќ, постар истражувач и раководител на Центарот за добро управување при ИДСЦС истакна дека постојат два начина за корозивен капитал да влезе во една земја.

„Првиот е преку зделки на високо ниво, кои вклучуваат највисок степен на политички функционери и обично носат специфично законодавство што ги придружува зделките. Тие влегуваат преку искористување на кревкиот, ако воопшто постои, систем на проверка и балансирање помеѓу извршната, законодавната, регулаторната и судската власт. Вториот начин е преку институционални канали, каде слабите институции дозволуваат прилив на корозивен капитал преку неефикасни процедури”, смета Поповиќ.

Еден од авторите на истражувачкиот труд “Втурнати во ќорсокак: заблудената верба во кинескиот корозивен капитал за изградбата на автопатите во Северна Македонија”,  Зоран Нечев, постар истражувач и раководител на Центарот за европска интеграција при ИДСЦС, објасни дека во истражувањето се разгледани сомнителните услови за заеми од државната кинеска банка за особено проблематичните проекти за изградба на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип.

„Македонската влада ја додели изградбата на автопатите на Синохидро, кинеско државно претпријатие. Во договорите со Синохидро, недостасува транспарентна, конкурентна јавна набавка. Овие зделки беа склучени преку директни преговори меѓу кинеската и македонската влада. Тајните договори предизвикаа коруптивен скандал. Корозивниот капитал што доаѓа од Кина, преку неконкурентни услови за заем поставени од државни кинески банки, им се закануваат на демократски воспоставените институции и пазарната економија. Исто така, предизвикуваат сериозна загриженост за отпорноста на властите во Северна Македонија кон корупцијата и нивната подготвеност да го игнорираат владеењето на правото и да извршуваат проекти од ваков вид на нетранспарентно и не инклузивно однесување “, рече Нечев.

Во Црна Гора, истите празнини во управувањето, идентификувани со корозивниот капитал што доаѓа од Русија, сега се повторно присутни со Кина, објасни Милица Ковачевиќ, претседател на Центарот за демократска транзиција.

„Пристапите се различни, целите се различни, но сè уште постои слабо владеење на правото, недостаток на транспарентност, без механизми за проверка како и многу слаб надзор. Кинеските компании покажуваат интерес за енергија и инфраструктура, но најголемиот проект кај нас е автопатот, кој не е инвестиција, тоа е огромен заем, најголемиот заем што Црна Гора некогаш го зела и тоа е најголемиот проект што Црна Гора го има спроведено досега “, рече Ковачевиќ.

Игор Новаковиќ, директор за истражување на Центарот за меѓународни и безбедносни работи, истакна дека Србија, во текот на изминатата деценија, станала центар за кинески заеми и инвестиции во регионот.

„Нашите официјални лица често изјавуваат дека износот на кинески инвестиции наскоро ќе достигне 10 милијарди американски долари, но голем дел од нив се всушност заеми, а не инвестиции“, рече Новаковиќ.

Конференцијата беше дел од проектот „Адресирање на тековите на корозивниот капитал”, поддржан од Центар за меѓународно приватно претпријатие (CIPE).

Поврзани објави