Институтот за демократија ја организираше конференција „Нова виталност за стара дебата: состојбата на Европа“, на која панелистите дискутираа за тоа како статус кво, но и амбициите и политиките може да влијаат на европска иднина на Западен Балкан.

Претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски истакна дека Западен Балкан е составен дел од Европа и дека треба да се смета за сериозен партнер во европските работи.

„Иднината на ЕУ и на Западен Балкан се неразделно поврзани, па затоа предизвиците, како што се прашањата поврзани со животната средина, миграцијата и прашањата на безбедноста, мора да се решат заедно преку заеднички и унифициран пристап“, рече Трошановски.

Клучниот говор даде Енрико Лета, поранешен премиер на Италија и сегашен претседател на институтот Жак Делор и декан на Париската школа за меѓународни односи. Тој повлече паралели помеѓу трансформативниот период од 1989-1991 година и сегашното време, и образложи како може да се „смени сликата и суштината на Европа“ заедно со земјите од Западен Балкан.

„Оваа комисија на ЕУ има мисија да биде геополитичка комисија и тоа е многу добра вест за земјите аспиранти за членство во ЕУ бидејќи завршувањето на процесот на проширување со Западен Балкан е една од најважните мисии во геополитички контекст“, рече Лета.

Проширувањето е сè уште многу важно за стабилизирање на континентот и ЕУ нема да биде глобална сила ако не е способна да ги додаде земјите од Западен Балкан како идни членки на европското семејство, рече Франсоа Лафонд, советник на заменик-премиерот задолжен за европски прашања.

„Нема сомнеж кај сегашното француско претседателство дека Западен Балкан ќе биде дел од ЕУ кога тоа ќе биде возможно, но сепак, земјите треба да спроведат реформи“, додаде Лафонд.

Мари Јеленка Кирхнер, надворешен соработник на ИДСЦС, истакна дека со новото раководство под Урсула фон дер Лајен, Европската комисија во нејзиниот наратив и акција сигнализира дека Западен Балкан е важен и и припаѓа на Европа.

„Во нејзиниот говор за состојбата на Унијата, Урсула фон дер Лајен побара гласање со квалификувано мнозинство за прашања што се однесуваат на човековите права и спроведувањето на санкции, но јас сметам дека квалификувано мнозинство треба да се примени и за надворешната политика. Во рамките на пристапувањето во ЕУ, билатералните прашања се потенцираат со правото на вето на поединечни земји-членки и лесно можат да станат големи пречки за пристапување во ЕУ, а Северна Македонија е одличен пример за тоа. Гласање со квалификувано мнозинство во оваа област ќе спречи доминација на националните интереси над европските интереси“, рече таа

Треба да видиме како можеме да го подобриме имиџот на земјата и да ги убедиме другите дека ние не сме товарот, туку дека ние сме додадената вредност на ЕУ, вели Драган Тилев, надворешен соработник на ИДСЦС и Државен советник за прашања за ЕУ при Секретаријатот за европски работи.

„Сега сите земји-членки ќе го следат нашиот напредок и ќе се обидат да ни помогнат, но понекогаш и ќе ни го отежнуваат животот“, додаде Тилев.

Нашиот истражувач Иван Николовски се фокусираше на внатрешните предизвици како учеството на граѓанските организации во пристапните преговори и потребата од рационализирана, одржлива, ефикасна и ефективна структура за преговори.

„ИДСЦС верува и се залага дека треба да има единствен главен преговарач, кој ќе ги спои „политичките“ и „техничките“ аспекти на пристапните преговори. Во однос на времетраењето, овој процес ќе „надживее“ повеќе влади и евентуални промени во владата. Затоа, лицето назначено треба да биде надпартиско, непристрасно, независно, да ги познава спецификите на пристапните разговори и интеграцијата во ЕУ воопшто, и биде издржливо на промените во националното политичко опкружување“, рече Николовски.

Весела Чернева, заменик директор на Европскиот совет за надворешни односи и шеф на канцеларијата во Софија, смета дека процесот на пристапување има геополитичко значење, бидејќи тоа е главната рамка за задржување на регионот внатре. Според неа, ризиците од нарушување на овој процес можат да бидат и геополитички ризици.

Николаос Цифакис, вонреден професор на Универзитетот во Пелопонез, го сподели својот оптимизам за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, но тој останува скептичен во врска со односите на ЕУ и Грција со Турција, кои според него се важен фактор за интервенција што треба да се земе предвид во регионот.

Завршни забелешки и заклучок даде Никола Димитров, вицепремиер за европски прашања, кој истакна дека со географијата, економијата, историјата и културата Северна Македонија е веќе дел од ЕУ.

„Има толку многу причини за процесот на пристапување да успее. Ни треба првата меѓувладина конференција до крајот на годината под германско претседателство. Ние или ќе се фокусираме и ќе сториме сè што можеме за да ја донесеме Европа дома, или талентот и оние кои би требало да го носат овој товар ќе завршат самите во ЕУ. Во интерес на регионот, неговите луѓе, но и ЕУ е овој процес да успее. Агендата на ЕУ е одлична можност за обединување на нашето општество. Треба да се слушнат сите засегнати страни како владата, опозицијата, парламентот и граѓанското општество “, заклучи Димитров.