Процесот на демократизација на Република Северна Македонија неизбежно го наметнува и прашањето за зајакнување на женското пратеничко претставништво во државата. Ова унапредување се случува постепено, пред се преку повеќекратни измени во регулативата и делување на жените политичарки поддржани од граѓанските организации. Целта на анализата е да даде рамка на овој развој, квантитативно и квалитативно да ја прикаже застапеноста на жените во сите собраниски состави од 1990 до 2020, како и да даде насоки за понатамошно зајакнување.

Во првите три повеќепартиски избори во државата, во 1990, 1994 и 1998 година, женската застапеност во Парламентот била помеѓу 3% и  8%. Со ваквата поставеност на парламентарните состави, женскиот глас останал надвор од Парламентот. Оваа ниска застапеност се должи пред се на малиот број на предложени кандидатки од политички партии на листите за избор на пратеници.

Овој проблем бил адресиран со неколку законски регулативи и измени. Така, со Законот за избор на пратеници од 2002, се воведува квота од најмалку 30% учество на помалку застапениот пол на кандидатските листи за избор на пратеници.

Законската рамка подоцна била прилагодена и со измените во Изборниот Законик од 2006 година, со што била предвидена одредба со која во поднесената листа на кандидати за избор на пратеници на секои три места, едно место му припаѓа на помалку застапениот пол.

Изборниот Законик претрпел измени и во 2014, кога согласно измените, доколку на жена избрана од кандидатска листа и престане мандатот, на нејзино место доаѓа следната кандидатка од листата – жена и во 2015, кога квотата за застапеност на жените во кандидатските листи била зголемена на 40%.

Воведувањето на овие регулативи, било последица на слабата (непостоечка) волја од страна на политичките партии за вклучување на жените во парламентарните состави. Ваквите измени во нормативната рамка, довеле до зголемување на бројот на пратенички во Собранието. Процентот на избрани пратенички во парламентарниот состав од 2002 изнесува 18%, додека во наредните парламентарни состави, биле избрани од 31 до 33% пратенички.

Поволната законска рамка претставува солидна позиција за унапредување на застапеноста на жените во Собранието, но сепак потребни се и дополнителни напори кои ќе ја поддржат регулативата како: а) Зголемување на демократизацијата на политичките партии, со посебен акцент на родово сензибилизирање и вклучување на жените во раководните позиции, значително ќе придонесе кон јакнење на женското претставништво во парламентот; б) Поголема застапеност на жените во претседателските структури на работните тела (комисиите), како и во членството во комисиите од „тврди“ области на одбраната, безбедноста, трговијата, економијата; в) Зајакнување и унапредување на капацитетите на жените политичарки, како и на жените/девојките активни во политичкиот подмладок на политичките партии; г) Зголемување на бројот на пратенички во Собранието до 50%.

 

Целата анализа на македонски јазик може да ја прочитате тука:

Суштинско или стерилно: Застапеноста на жените во собраниските состави на Република Северна Македонија (1990 – 2020)

Целата анализа на албански јазик може да ја прочитате тука:

Thelbësore ose sterile: Përfaqësimi i grave në Parlamentin e Republikës së Maqedonisë së Veriut (1990 – 2020)

Целата анализа на англиски јазик може да ја прочитате тука:

Substantive or sterile: Parliamentary representation of women in the Republic of North Macedonia (1990 – 2020)