logo

Јавните претпријатија се управувани од луѓе со несоодветно формално образование

Share on facebook
Share on twitter

Како доставувачи на низа основни услуги на граѓаните, јавните претпријатија со нивната работа директно влијаат врз вкупниот квалитет на живеењето и развојот на заедницата. Примарноста на услугите кои што ги нудат јавните претпријатија, како што се водоснабдување, чистење смет, одржување на патиштата и многу други услуги, го прави работењето на јавните претпријатија предмет на интерес на многу граѓани. Имајќи ја во предвид нивната улога и доделените задачи, важно е јавните претпријатија да бидат управувани од луѓе кои што имаат знаење и искуство и кои што можат суштински да придонесат во функционирањето на претпријатијата.

Но, истражувањата покажуваат дека јавните претпријатија се управувани од луѓе со недоволно искуство во областа на работата на претпријатието и со несоодветно формално образование. Иако високото образование е јасен формален критериум за избор на директори и членови на надзорните одбори на јавните претпријатија, во реалноста ситуацијата е поинаква.

Анализата покажува дека 6% од директорите и 11% од надзорните одбори немаат високо образование. Членовите на надзорните одбори треба да имаат задолжително образование во областите право и економија поради потребата за стручна проверка на материјалното и финансиско работење на претпријатијата. Но, само половина (54%) од членовите на надзорните одбори имаат завршени правни или економски науки.

Податоците покажуваат дека правото, економијата и другите општествени науки доминираат во управувачките структури.

При консултацијата со неколку јавни претпријатија во текот на истражувањето, заклучивме дека членовите на управните и на надзорните одбори се бираат по принцип на партиска лојалност и имаат слаб капацитет суштински да придонесат во работата на јавното претпријатие. Тоа значи дека јавните претпријатија не можат да ги искористат управните и надзорните одбори за подобрување на нивната работа иако тие за тоа добиваат финансиски надоместоци односно пари од граѓаните.

Препорачуваме по изборите (кога и да се случат), кога одново ќе се именуваат нови раководители, Владата, како и други институции кои што ги именуваат, да се водат од принципите на јавност, компетитивност и компетенции на кандидатите.

Целосната анализа за искуството на новоназначените директори во јавните претпријатија може да ја прочитате тука.

Поврзани објави