logo

Кој „тоа“ таму управува? Извештај за 2019 година

Јавните претпријатија располагаат со јавни ресурси и вршат задачи од јавен интерес и затоа неопходен е непосреден надзор на нивното финансиско и материјално работење. Квалитетот на луѓето во управувачките структури – директорите, како и членовите на управните одбори (УО) и надзорните одбори (НО), е еден од клучните предуслови овие процеси да бидат не само формално туку и суштински спроведени и да бидат во корист на претпријатието.

Еден од клучните начини за зголемување на квалитетот на квалификациите во управувачките структури е спроведување отворена и транспарентна процедура за избор.

Сепак, праксата покажува дека членовите на управните и надзорните одбори се избираат во нетранспаретна процедура, без јавност во процесот и со силно партиско влијание. Во консултациите со јавните претпријатија кои Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје ги спроведе во текот на истражувањето, речиси секаде провејуваше заклучокот дека членовите на управните и на надзорните одбори по принцип на партиска лојалност имаат слаб капацитет суштински да придонесат во работата на јавното претпријатие. Тоа ги доведува јавните претпријатија во ситуација да не можат да ги искористат управните и надзорните одбори во насока на подобрување на своето работење и покрај тоа што за нивната работа се одвојуваат финансиски средства.

Праксата за пополнување позиции не е базирана на компетенции и искуство. Големиот процент на лица без задоволителен обем на искуство во работата на јавните претпријатија покажува дека постојат поинакви правила кои го раководат овој процес. Во анкетата која беше спроведена во февруари 2020 година, на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, 80% од анкетираните сметаат дека главен критериум за назначување е партиската припадност.

Ова се поклопува и со впечатокот од консултативните средби со јавните претпријатија и основачите (пред сè општините) каде што честопати ни беше кажано дека партиската припадност е главниот услов за членство во управните и надзорните одбори.

Министерството за економија воспостави работна група за измена на Законот за јавни претпријатија кон крајот на 2019 година. Во рамките на оваа иницијатива, беа прифатени предлозите кои ИДСЦС заедно со Министерството за информатичко општество и администрација ги изработија за подобрување на критериумите за избор на членовите на управни и надзорни одбори, како и на директорите на јавните претпријатија основани од единиците на локална самоуправа.

Владата, како и други власти кои именуваат, мораат да се водат од принципите на јавност, компетитивност и компетенции. На именувањето треба да му претстои оглас и транспарентност во оценувањето на кандидатите. Ова подразбира и образложение за причините за одбивање на кандидатите. Основачот треба да обезбеди дека секој кандидат во потесен избор ќе биде интервјуиран за да може поточно да се утврдат компетенциите и предложениот план за работа на институцијата за која лицето се пријавило да ја раководи.

Целата анализа можете да ја прочитате тука:

Кој „тоа“ таму управува? Извештај за 2019 година

Поврзани објави