Работата на директорот, раководителот на оддел или на целото претпријатие е синоним за одговорна работа. Раководна позиција се добива со труд, знаење и врз основа на потребното искуство кое што се стекнува низ повеќе годишно работење во одредена област.

Многу е важно јавните претпријатија да бидат управувани од луѓе кои што имаат знаење и искуство и кои што можат суштински да придонесат при функционирањето на целата организација. Сепак, истражувањата покажуваат дека голем дел од јавните претпријатија се управувани од луѓе со недоволно искуство во областа на работата на претпријатието и се со несоодветно формално образование.

Според анализите направени од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), најголемиот недостаток кој се забележува кај раководните структури на јавните претпријатија е немањето соодветно работно искуство. Околу половина од лицата ставени на раководни функции или воопшто немале искуство или имале до пет години искуство во работата на јавното претпријатие.

Истражувањето на ИДСЦС покажува дека кај новоназначените директори, 17% немаат никакво искуство од областа на претпријатието, искуство од една до три години имаат 8% од директорите и дополнителни 17% имаат искуство помеѓу четири и пет години. Наспроти тоа, 58% од назначените директори имаат искуство во работата од шест или повеќе години, а само една третина се со над десетгодишно искуство.

Кај надзорните органи состојбата е многу полоша, односно дури 62% од членовите се со искуство до пет години, а речиси секој петти член на надзорен одбор воопшто нема искуство во областа на работата на претпријатието. Кај управните органи 37% од членовите немаат никакво искуство во областа од работата на претпријатието, а 54% се со искуство од барем шест години.

Владата, како и други власти кои ги именуваат управувачките структури на јавните претпријатија, мораат да се водат од принципите на јавност и  компетитивност. Предлог измените на Законот за јавни претпријатија кои низ консултации беа развиени во 2019 година,  гарантираат воведување на зајакнати критериуми за избор кои ќе бидат фокусирани на искуство и вештини.

Целосната анализа за искуството на новоназначените директори во јавните претпријатија може да ја прочитате тука.

Кој „тоа“ таму управува? Извештај за 2019 година