На 04 декември во хотелот Стоун Бриџ во Скопје, во организација на Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и Германската фондација за Меѓународна правна соработка (ИРЗ) се одржа затворена тркалезна маса на тема „Значењето на уставната жалба за заштитата на граѓаните и за развојот на националното право“.

На оваа тркалезна маса, поддржана од германското сојузно Министерство за правда и заштита на потрошувачите, беше презентиран документот за јавни политики за воведувањето на сеопфатна уставна жалба во Република Северна Македонија во коавторство на д-р Мирјана Лазарова-Трајковска – поранешна уставна судијка и судијка во ЕСЧП од Македонија, д-р Винфрид Шуберт – поранешен претседател на покраинскиот Уставен Суд на Саксонија Анхалт и д-р Денис Прешова – асистент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје.

Настанот беше отворен од страна на Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС и Штефан Пирнер, раководител на проектна област на ИРЗ, а поздравно обраќање имаше господинот Фатон Селами, државен секретар во Министерството за правда на Република Северна Македонија.

Наодите од документот беа претставени од страна на а Лазарова-Трајковска, Прешова и Шуберт.

На настанот присуствуваа претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати и уставниот судија Јован Јосифовски, како и соработници во Уставниот суд, претставници на Германската амбасада и Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија. Мурати ги презентираше своите и ставовите на Уставниот суд околу воведувањето на сеопфатната уставна жалба во РСМ.

Документот за јавни политики е достапен на следниот линк.