Јавните претпријатија претставуваат институции со кои граѓаните секојдневно се среќаваат. Во таа смисла, тие имаат значаен удел во односот на граѓаните кон јавната власт, бидејќи го обликуваат задоволството или незадоволството од јавните услуги. Оттука, исклучително е важно да се работи континуирано на нивно подобрување и поефикасно работење.

За таа цел, ИДСЦС разговараше со низа јавни претпријатија и нивни основачи (во случајот општини) за проблемите со кои се соочуваат низ три консултативни средби. Главни теми на дискусија беа односите со управните и надзорни одбори, управувањето со човечки ресурси, финансиите и антикорупциските политики.

Дискусијата околу управните и надзорните одбори ги потврди претходните наоди на ИДСЦС. Овие раководни структури во главно се пополнети од партиски луѓе, без особени квалификации да учествуваат во управувањето на претпријатијата. Честопати на дискусиите се повторуваше дека нивното одлучување е формално, бидејќи или немаат знаење да ги проверуваат извештаите и состојбите во претпријатието, или пак се водат од тоа што е дадено како налог од основачот. Оваа пракса потребно е да се замени со јасна и јавна процедура за селекција на управувачки структури, која ќе се фокусира на избор базиран на искуството и вештините на кандидатите.

Значителен дел од дискусиите беше посветен на управувањето со човечките ресурси. Во овој период јавните претпријатија ја подготвуваат функционалната анализа, која треба да биде клучна во обликувањето на систематизацијата на работни места, и планирањето на обемот на работа. Тоа што можеше да се забележи од дискусиите е дека паралелно на примена на методологијата за изработка на функционална анализа, затекнатата состојба има клучна улога во определување на систематизацијата. Ваквата пракса не дозволува одредување на реалните потреби за број на вработени. Без разлика дали бројот на вработени ќе се менува веднаш или постепено, реалната слика мора да биде водилката во овие промени.

Истовремено, забележлив е и проблемот со задржување и вработување квалитетен кадар, кој произлегува од некомпетитивните плати во овој сектор. Под притисок на иселувањето и повисоките плати во реалната економија, јавните претпријатија пријавуваат потешкотии во наоѓање квалитетни работници кои би ги обезбедиле јавните услуги. Оттука, потребни се системски промени кои ќе обезбедат компетитивни плати бидејќи граѓаните заслужуваат квалитетни услуги.

Состојбата е исто така загрижувачка околу антикорупциските политики во јавните претпријатија. Како и секоја институција, така и тие се предмет на потенцијален коруптивен притисок, пред се во јавните набавки, вработувањето и испорачувањето услуги. Меѓутоа, јавните претпријатија скоро воопшто да не размислуваат на оваа тема. Спречувањето на корупцијата не е тема во обликувањето на внатрешните процедури ниту пак се посветува внимание на едукација на вработените. Оттука, исклучително е важно јавните претпријатија да имаат алатки со кои ќе спречуваат појава на корупција.

Меморандумот за политика на албански јазик може да го прочитате на следниот линк:

Çfarë thanë ndërmarrjet publike për ndërmarrjet publike?

Меморандумот за политика на англиски јазик може да го прочитате на следниот линк:

What did public enterprises say about public enterprises?

Проектот „Кон добро управување  во државните претпријатија и независните тела“ е насочен кон унапредување на управувачката култура кај јавните претпријатија и независните тела.

Проектот е финансиран од страна на UK aid од Владата на Обединетото Кралство. Наведените мислења не значи дека ги одразуваат официјалните ставови и политики на Британската Влада.