Институт за демократија „Социетас Цивилис“ денеска на промотивен настан ги презентираше предлог законските измени за моделите и процедурите за назначување лица во управните структури на јавните претпријатија.

Настанот, кој се одржи во Хотел ТЦЦ Гранд Плаза, е во рамки на проектот „Кон добро управување во државните претпријатија и независните тела” (Improved good governance of state owned enterprises and independent state bodies – финансиран од Обединетото Кралство преку Владата на Обединетото Кралство.“)

Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при ИДСЦС истакна дека детектираните проблеми при изработка на предлог-амандманите извираат од недоречености во законите или од принципи кои што постојат во законите во контекст на квалификациите за избор на членство во управни и надзорни одбори или критериуми за избор на директор на јавно претпријатија.

„Изминатиот период разговаравме со претставници на повеќе Јавни претпријатија и од тие разговори јасно е дека кога се нестручни управните и надзорните одбори, тие претставуваат пречка за остварување на работата на претпријатието. Со овој процес сакаме да воведеме меритократија во смисла на зајакнување на капацитети на одборите. Тоа не само што е поврзано со доброто управување туку и со демократијата“, истакна Поповиќ.

Предложените амандмани се во насока на:
• Прецизирање на критериумите за избор на членовите на управувачките структури, директори, управни одбори и надзорни одбори во јавните претпријатија со фокус на нивното работно искуство.
• Класификација на јавните претпријатија во големи, средни мали и микро претпријатија во зависност од бројот на вработените, приходите и граѓаните кои ги опслужуваат.
• Промена на начинот на избор со цел зголемување на квалитетот и транспарентноста на изборот преку поголема вклученост на засегнатите чинители, зголемена јавност и ригорозност при изборот. Една од клучните новини е што за избор на членови на управниот одбор во јавно претпријатие основано од општината ќе се формира комисија за селекција од три члена, која ќе направи административна селекција а потоа и интервју со кандидатите кое ќе биде снимено.

Предлог законските измени кои се во фаза на изработка и ќе бидат дополнувани може да ги прочитате на следниот линк:

Предлог на закон за изменување и дополнување на законот за јавните претпријатија