Швајцарската Програма за парламентарна поддршка се заснова на успешната соработка што Швајцарија ја има со Собранието на Република Северна Македонија за зајакнување на истражувачките и информативните капацитети на институцијата.
Овој нов 10-годишен проект ќе ги поддржи напорите на Собранието за независност преку обезбедување поддршка за институционален развој, политички дијалог, надзор и законодавни функции, транспарентност и отчетност.

„Вкупниот буџет на проектот е 11 милиони швајцарски франци фокусирани за зајакнување на поддршката на професионалниот кадар на Собранието, меѓупартискиот дијалог, извршниот надзор, инклузивното креирање политики и парламентарната отвореност”, изјави амбасадорот на Швајцарија, Сибиле Сутер Тејада.

„За да се поттикне одржливоста, Швајцарија ќе приложи дел од овие средства во државниот буџет на Северна Македонија за поддршка на реализацијата на стратешките планови на Собранието за функционална парламентарна демократија, отворен парламент и професионален и ефикасен парламентарен кадар. За поддршка на поголема транспарентност, ќе бидат распределени средствата за Собранието да ги надгради и модернизира своите ИТ инфраструктури и механизмите за транспарентност, како што е парламентарното емитување и веб-страницата.”

„Собранието има за цел да биде отворен, одговорен и модерен Парламент кој има независност од извршната власт”, рече претседателот на Собранието Талат Џафери, „ја цениме нашата долгорочна соработка со Швајцарија и НДИ и го поздравуваме почетокот на Програмата за парламентарна поддршка која ќе ни помогне да ги оствариме нашите стратешки цели за професионалност, непристрасност, транспарентност, независност, одговорност и ефикасност”.

Програмата за парламентарна поддршка ќе биде имплементирана од Националниот демократски институт, Центарот за управување со промени, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“-Скопје со институционални партнерства од Швајцарското федерално Собрание, Естонскиот парламент (Riigikogu), германскиот Бундестаг и граѓанската организација од Латвија ManaBalss.lv.

Целта на проектот е да му помогне на Собранието да се здобие со институционален кредибилитет и доверба од јавноста преку заштита на интересите и потребите на граѓаните преку инклузивна консензуална дебата и донесување одлуки.